Авто новости

Најбрз Aston Martin со отворен покрив: DBS Superleggerа Volante

25. април 2019 - 18:02 | А.С.

Aston Martin по купе верзијата им понуди на купувачите и кабриолет верзија на моделот DBS Superleggera.

Новата „ѕверка“ ја носи ознаката Aston Martin DBS Superleggera Volante, а ја движи познатиот 5.2 твин турбо V12 мотор со 725 коњски сили и максимален вртежен момент од 900 Nm.

Моторот е поврзан со осумбрзински автоматски менувач што овозможува автомобилот да забрза од 0 до 100 км/ч за 3,6 секунди.

Максималната брзина е 340 км/ч, па со тоа DBS Superleggera Volante стана најбрзиот Aston Martin со отворен покрив на сите времиња.

Volante стилски се надоврзува на купето DBS Superleggera и има минимални дизајнерски разлики, главно во поглед на преобликувањето на моделот во кабриолет верзија.

Aston Martin соопшти дека посебно внимание е посветено на аеродинамиката на возилото за да не заостанува во перформансите зад купето.

Подвижниот платнен покрив се состои од дури 8 слоеви, а производителот тврди дека за спуштање и кревање се потребни само 14 секунди.

Купувачите може да бираат од осум достапни бои на покривот.

Aston Martin DBS Superleggera Volante веќе може да се нарача по цена од 295.500 евра, а првите сопственици ќе го добијат својот примерок уште есенва.

Коментирај