Фит

Најчести грешки при билдање мускули

18. април 2018 - 19:29 | А.С.

Тренинзите за билдање мускули имаат повеќекратно позитивно дејство, освен формирањето убаво градена фигура – го забрзуваат метаболизмот и ја подобруваат издржливоста и кондицијата.

Но, ако вежбате веќе подолго време, а не забележувате резултати, можеби правите некои од најчестите грешки со кои го саботирате вашиот тренинг.

Ова се петте најчести грешки при билдањето мускули:

Нестрпливи сте

Треба да бидете реални и да сфатите дека билдањето мускулна маса не се случува преку ноќ, што и да правите, но не се случува ни за една, две, три недели. Првите промени можно е не да ги видите ни по првиот месец, но тоа не значи дека не се случуваат промени во вашето тело. Бидете стрпливи и вежбајте правилно и паметно.

Не јадете доволно

На мускулите им треба „гориво“ во форма на храна за да се опорават по напорниот тренинг. Составот на оброците треба да го одредите заедно со вашиот лекар, фитнес тренер или нутриционист, за да добиете оптимални резултати. Внимавајте на комбинациите на протеини, јаглехидрати и масти – на пример, 1 гр јаглехидрати и 1 грам протеини содржат 4 калории, а 1 грам масти содржи 9 калории.

Премногу го оптеретувате организмот

Тренинзите за сила и билдање мускули трошат калории и откако ќе завршите со вежбање, па не мора да се претерува со вежбање. Исто така може да си направите поголема штета отколку корист ако се префорсирате, а можни се и болни воспаленија на мускулите и повреди. Распоредете ги тренинзите во текот на неделата на разни групи мускули и со различен интензитет. Исто така, внесете тренинзи за кондиција, издржливост и флексибилност, како трчање, пилатес и јога.

Не се загревате правилно

За да го извлечете најдоброто од тренингот, освен правилната исхрана и изведување на вежбите, важно е и правилно да се загреете за вежбање. Исто така, на тој начин ќе избегнете повреди при вежбањето. Загревањето треба да се однесува на целото тело, со акцент на групата мускули што најмногу ќе ја активирате на тој тренинг.

Не планирате однапред

Со планирање на содржината на тренингот за еден ден и за цела недела/месец ќе постигнете подобри резултати за пократко време бидејќи ќе ги активирате мускулите на правилен начин и нема да имате паузи во развојот. На тој начин ќе го извлечете максимумот од вежбањето и она што може да го напраи вашето тело. Ако не можете да си дозволите личен тренер, тогаш барем направете доволно итражување и информирање пред да почнете со вежбање.

Коментирај