Авион AN-32 на Индиските воздухопловни сили со 13-член екипаж што исчезна минатата недела откако полета од Џорхат, е најден срушен во зафрлените предели во покраината Аруначал Прадеш.
Во соопштението од Индиските воздухопловни сили стои дека осумчлена спасувачка екипа утрово стигнала до местото каде се срушил авионот и дека не нашла преживеани.
„Индиските воздухопловни сили им оддаваат почит на храбрите војници кои загинаа во падот на AN-32 на 3 јуни, 2019 година и ќе бидат тука за семејствата на жртвите. Нека почиваат во мир“, стои во соопштението.
Авионот полета во 12 часот и 25 минути по локално време на 3 јуни и еден час подоцна требаше да слета на воен аеродром во Мечука. Меѓутоа, контролата на летање изгуби секаков контакт со авионот.
Веднаш беше почната истрага што дури денес ги даде првите резултати.
Точната причина за уривањето на авионот треба допрва да се утврди.