Живот

Најдобри и најлоши градови за живеење во 2018 година

14. август 2018 - 15:27 | А.С.

За прв пат досега, на врвот на листата најдобри градови за живеење се најде европска престолнина, што значи дека Мелбурн веќе не е прв на листата според глобалното истражување на групацијата „Економист“.

Виена е најдобриот град за живеење, според истражувањето во кое 140 градови беа рангирани според низа фактори, како политичка и социјална стабилност, стапка на криминал, квалитет на образование и здравствена заштита.

На табелата, од сите европски градови најмногу „напредуваше“ Манчестер. Сега е на 35. место што е подобрување за 16 позиции. Манчестер е 13 места пред Лондон, што е најголема разлика во места меѓу двата града откако почна да се прави ова истражување пред две децении.

„Економист“ проценува дека подобрувањето на позицијата на Манчестер се должи на зголемувањето на нивото на безбедност во градот, што наиде на критики со оглед на тоа дека во градот имаше терористички напад во кој загинаа 22 лица.

Според резултатите, речиси половина од градовите забележале подобрување на позицијата на листата во споредба со рангирањето лани.

Мелбурн, кој годинава е на второ место, до лани го држеше престолот седум години со ред.

На другата страна на листата, Дамаск во Сирија е најнепожелен град за живеење поради долгогодишната граѓанска војна што беснее во земјата. По него следат Дака во Бангладеш и Лагос во Нигерија.

Стапката на криминал, граѓанските немири, тероризмот иили војната се главни фактори што ги рангираа најнепожелните градови за живеење на листата на „Економист“.

Најдобри градови за живеење во 2018

1. Виена, Австрија

2. Мелбурн, Австралија

3. Осака, Јапонија

4. Калгари, Канада

5. Сиднеј, Австралија

6. Ванкувер, Канада

7. Токио, Јапонија

8. Торонто, Канада

9. Копенхаген, Данска

10. Аделаида, Австралија

Најлоши градови за живеење во 2018

1. Дамаск, Сирија

2. Дака, Бангладеш

3. Лагос, Нигерија

4. Карачи, Пакистан

5. Порт Мозби, Папуа Нова Гвинеја

6. Хараре, Зимбабве

7. Триполи, Либија

8. Дуала, Камерун

9. Алжир, Алжир

10. Дакар, Сенегал.

Коментирај