Како истовремено да направиш тешка глупост и да му поништиш сигурен гол на соиграч од тимот?
Тоа најдобро го знае Валентин Георге, играч на романскиот клуб Астра. Натпреварот меѓу Астра и Клуж веќе беше прилично интересен, со голем пресврт на резултатот, но она што ќе остане најзапамтено од оваа средба ќе биде потегот на Георге.
Астра водеше со 3:4 во второто продолжение на натпреварот во Романскиот куп. Се играше 123-тата минута кога и голманот на Клуж влезе во напад за да му помогне на својот тим да изедначи на 4:4.
Голот остана празен и по успешно изведениот контранапад, двајца играчи на Астра трчаа со топката од центарот кон голот на противничката екипа и погодокот требаше да биде само прашање на рутина.
Но Георге очигледно имал други планови. Или воопшто не мислел.
Лаурентиу Бус тргна кон голот, ја шутна топката кон празната мрежа и тогаш „долета“ Георге, длабоко влезен во офсајд и го „потврди“ голот без никаква потреба за тоа, бидејќи противничкиот голман никако не можеше да ја стигне топката.
Голот беше поништен, а за среќа на Георге, Астра сепак победи на овој меч.