Големата побарувачка на биткоинот во Јапонија и во Јужна Кореја вчера ја зголеми неговата вредност на над 2.000 американски долари, првпат во историјата на оваа виртуелна валута.
На почетокот на годината цената на биткоинот се движеше околу 1.000 долари, за подоцна да забележи драстичен пораст. Тоа се должи на популарноста на биткоинот, како и на легализацијата во Јапонија и порастот на побарувачката во Кина поради слабоста на тамошната валута. Несигурноста на берзите на валути исто така ги поттикна луѓето да купуваат биткоини.
Дигиталната валута заклучно со 2016 година направи голем чекор во вредноста, споредбено со сите стандардни валути, а на почетокот на новата година го надмина нивото од 1.000 долари за првпат во три години.
Оваа дигитална валута се користи за брз и анонимен трансфер на пари во кој било дел на светот и не е предмет на контрола на владата, па затоа е привлечна за оние што сакаат да ја заобиколат контролата на протокот на капиталот, како што е состојбата во Кина.