Живот

Најпознатите поткажувачи кои засекогаш го променија светот

15. април 2019 - 13:50 | Б.С.Б.

Очите на целиот свет се вперени во Лондон каде е уапсен Џулијан Асанж, откако мина 7 години во азил во амбасадата на Еквадор. САД бараат негово испорачување поради обвиненија дека учествувал во завера на кражба на доверливи податоци.

Кои други, освен Асанж, се меѓу најпознатите поткажувачи во светот?

Џулијан Асанж

Асанж е основач на WikiLeaks, човекот објави голема количина податоци и разоткри афери поврзани со американската војска и владата. Меѓу податоците има прикривање на напади на американската војска врз цивили во Ирак. Американски воен хеликоптер бомбардираше и уби десетици цивили, а меѓу нив беа и двајца американски новинари. Тие информации беа сокриени од американската разузнавачка служба, но светот дозна за нив во 2010 година, откако WikiLeaks објави снимка од настанот.

WikiLeaks разоткри дека САД спровеле тајни напади со дронови во Јемен, се обидувале да влијаат на претставници на други држави во ОН, злоставувале затвореници во Гвантанамо. Исто така, американските власти ги прегледале и телефонските пораки на обичните Американци испратени за време на терористичките напади на 11 септември 2001 година.

Асанж е апсен уште како тинејџер поради хакерски напади, а има примено низа признанија. Предложен е и за Нобелова награда за мир. Во 2010 година беше прогласен за личност на годината од Time. Но, истовремено, тој стана непријател број 1 на САД.

Челзи Менинг

Поранешниот воен аналитичар и американски војник Бредли Менинг, подоцна стана Челзи, беше главен соучесник и извор на WikiLeaks, бидејќи доставуваше доверливи податоци.

Едно пролетно утро во Багдад 2009 година, тогаш 22-годишниот војник Бредли Менинг реши на светот да му открие доверливи податоци на САД, со чија политика не се сложуваше. Благодарение на него, WikiLeaks ги објави најдоверливите документи кои некогаш протекле во јавноста.

Менинг беше уапсен неколку недели откако беше издаден од неговиот поранешен пријател, хакерот Адриан Ламо. Одведен е во воен затвор и држен таму три години, до судењето во 2013 година. Осуден е на 35 затвор. Ден по пресудата објави дека се чувствува како жена и дека ќе се вика Челзи. Но, додека Барак Обама не му ја намали казната во 2017 година, тој мина низ криза на идентитетот и двапати се обиде да се самоубие додека во затворот се бореше за операција за промена на полот. Во мај беше пуштен на слобода.

Но, кон крајот на март годинава Челзи одби да сведочи против Асанж и WikiLeaks и повторно е уапсена. Судот одреди притвор додека не се сложи да соработува или додека процесот не заврши.

Едвард Сноуден

Сноуден беше вработен во американската Агенција за национална безбедност (НСА), а на медиумите им достави податоци за масовни програми за надзор со чија помош американските разузнавачки агенции шпионирале цивили и политичари.

Тој скоро една деценија работел за НСА и ЦИА. Не го криеше својот идентитет во интервјуто за Guardian кога разоткри сè. За него е снимен документарец кој освои Оскар, еден холивудски филм и посветени му се над 10 книги.

Моментално живее во Русија каде има привремен азил бидејќи САД го бараат за давање податоци на специјалните служби на други земји.

Покрај овие тројца поткажувачи ќе ги споменеме и Даниел Елсберг, поранешен воен аналитичар кој во 1971 година на новинарите им достави документи од Пентагон кои покажуваа дека американската влада ја мамела јавноста во врска со војната во Виетнам. Ричард Никсон го нарече најопасен човек во САД, а токму тој беше инспирацијата Сноуден да објави свои сознанија за тајни проекти на САД за надзор.

И уште еден Американец од ФБИ вреди да се спомене, Марк Фелт е човекот кој им даде информации на новинарите за аферата Вотергејт, по што Никсон беше симнат од власт.

Коментирај