Живот

Најскромната кралица владее со најсреќната земја во светот

11. декември 2019 - 13:20 | Б.С.Б.

Кралицата на Бутан, Џецун Пема Вангчук има 29 години и е најмладата кралица во светот. Младата кралица пред три години го роди првото дете, а самата потекнува од аристократско семејство.

Џецун е школувана во Индија, течно зборува неколку јазици и има освоено многу награди за ораторство. Студиите за меѓународни односи и психологија ги има завршено во Велика Британија. Се свршила со кралот на Бутан кога имала 21 година и со тоа предизвика многу полемики, бидејќи парот го прекрши протоколот и одлучи да не ја почитува традицијата на договорени бракови.

Тие прекршија уште една норма, живееја заедно уште пред да се венчаат.

Кралот  Џигме Кесар Намѓел Вангчук е постар од неа 10 години, тој стана монарх во 2008 година откако неговиот татко абдицираше. Одлучи да ја одземе апсолутната моќ на круната и да оди по патот на демократијата и уставната монархија. Со Џецун се венча во петчасовна будистичка церемонија во тврдина од 17 век на 13 октомври 2011 година.

Интересно е тоа што во Бутан е дозволена полигамијата, а неговиот татко тоа го искористи и се ожени со 4 жени. Но, младиот крал одлучи скромната и убава Џецун да му биде единствена сопруга. Неодамна таа му роди и наследник.

Бутан е единствената земја во светот во која власта е убедена дека среќата е најважна цел кон која тежнеат жителите. Колку им е тоа важно говори и податокот дека правото на среќа е запишано во член 9 од нивниот устав. Затоа, во склоп на пописот на населението се поставува и прашањето дали сте среќни. Во последниот попис во 2015 година 35% од жителите изјавиле дека се многу среќни, 47,9 умерено среќно, а само 8,8 проценти се несреќни.

Владата на Бутан основа и Министерство за среќа. Бутан е земја која е најмалку погодена од глобалните проблеми како што се глад и криминал.

Луѓето се задоволни, не се опседнати со модерната технологија и досега успешно го имаат сочувано нивото културно наследство. Досега не искусиле ниту војни ниту екстремна сиромаштија.

Не ги сечат шумите, во Бутан е забранет увозот на пестициди и земјоделските производи не содржат штетни состојки. Низ земјата има големи природни резервати богати со флора и фауна.

Ловот е забранет, а како парламентарна монархија ова кралство произведува доволно за само да се издржува и да биде независно.

Коментирај