Рецепти

Најубава погача со сирење

30. декември 2018 - 12:51 | МИА
Вкусна и декоративна. Подгответе ја оваа погача за празниците што следат.

Потребно е:

околу 900 г брашно
400 мл млеко
2 јајца + 1 белка
6 лажици масло
6 лажици јогурт
40 г свеж квасец
1 лажица шеќер
2 лажичиња сол

и уште:

100 г маргарин, на собна температура
400 г сирење
1 жолчка и малку млеко – за премачкување на погачата пред печење

Подготовка:
– Во 200 мл млако млеко ставете ги шеќерот и квасецот и почекајте да стаса квасецот.

– Во брашното додадете ги сите состојки и стасаниот квасец и замесете меко тесто. Оставете го тестото да стои на топло околу 1 час за да нарасне.

– Омекнатиот маргарин изматете го за да стане мек и да може да го намачкате на тестото.

– Тестото поделете го на 4 дела. Секој дел со сукало развлечете го во форма на правоаголник со околу 1 см дебелина. Земете едно тесто и премачкајте го со маргарин и одозгора посипете го со издробеното сирење. Постапката повторете ја и со останатите делови од тесто. Само последното, најгорното тесто не го премачкувајте со маргарин и сирење.

– Сега полека, со раце раширете го тестото да добиете правоаголник со големина околу 28 х 40 см. Тестото пресечете го на половина, а потоа секоја половина уште на два дела, така да на крај добиете вкупно 6 ленти тесто.

– Секоја лента завиткајте ја до половина од една страна, а втората половина на друга страна. Не ги растегнувајте лентите.

– Ставете ги лентите тесто (како на сликата) во една тава со дијаметар околу 30 см. Тавата претходно намастете ја со масло. Краевите на лентите пред да ги ставите во тавата израмнете ги. Во средината ставете една лента и завртете ја. Продолжете со сите останати ленти.

   – Погачата премачкајте ја со разматена жолчка со малку млеко. Оставете ја на топло да стои уште околу 30 минути и потоа ставете ја да се пече во загреана рерна на 180 целзиусови степени околу 45 минути или додека убаво не порумени.

Коментирај