Познатиот француски репрезентативец Пол Погба се прогласи за победник откако 4-годишната суспензија му беше намалена на 18 месеци, а на терените треба да се врати веќе во март.
Погба, човекот кој со фантастични игри со Франција ја освои титулата на Светското првенство во 2018 година, беше суспендиран поради употреба на забранетата супстанца DHEA уште во 2023 година на почетокот на сезоната. Но, по жалба, Судот за спортска арбитража му ја намали казната на 18 месеци.
Тоа значи дека Погба може да се врати на фудбалот на 11 март, а во јануари ќе има право да тренира со својот Јувентус со кој има договор до 2026 година.
„Конечно, кошмарот заврши. Со нетрпение го чекам денот кога повторно ќе можам да ги следам своите соништа. Отсекогаш сум велел дека никогаш свесно не сум ги прекршил правилата на антидопинг агенцијата. Земав додаток во исхраната препишан од доктор, што не влијае на перформансите на спортистите, морам да го прифатам овој прекршок на строга одговорност, но сакам да му се заблагодарам и на Судот за спортска арбитража што го послуша моето објаснување“, рече Погба.
— Paul Pogba (@paulpogba) October 4, 2024
Тој опиша како зад него е тажен и болен период во животот бидејќи сѐ за што се борел во кариерата било ставено „на чекање“.
Но, она што може да биде проблем во сѐ е што не го сакаат Погба во Јувентус. Според италијански Calciomercato, „Старата дама“ нема намера да го користи Погба, што може да биде тежок удар за неговата кариера.
Погба има договор со Јувентус до летото 2026 година, но според сѐ ќе треба да си најде нов клуб, можеби веќе во текот на зимата и таму да бара среќа и нов почеток.