Свет

Наредена евакуација на речиси половина милион луѓе поради ерупција на вулканот Тал

13. јануари 2020 - 12:07 | МИА/КАЈГАНА

Филипинските власти наредија целосна евакуација на речиси половина милиони луѓе откако вулканот Тал почна да исфрала лава.

Филипинскиот институт за вулканологија соопшти дека вулканот Тал утрово почна да исфрла лава откако вчера исфрли пепел.

Директорот на Институтот, Ренато Солидум истакна дека сè уште нема знаци за разорна ерупција, но сепак го зголеми нивото на тревога од три на четири од максималните пет.

Вулканот Тал вчера исфрли пепел еден километар во височина, а во околината регистрирани се 75 помали земјотреси, од кои 32 се рангирани како земјотреси од втор ред.

Во регионот на вулканот живеат околу 450.000 луѓе, а поради последните активности евакуирани се 8.000 жители кои се сместени во најмалку 38 центри за евакуација.

Поради активноста на вулканот затворен меѓународниот аеродром во Манила, а претседателот Родриго Дутерте ја стопира работата на Владата и нареди затворање на сите училишта во главниот град на Филипините.

Тал се наоѓа околу 70 километри јужно од Манила и е комплексен вулкан, што значи дека нема еден отвор или конус, туку неколку точки на ерупција, кои се менуваат со текот на времето.

Вулканот Тал го сметаат за опасен бидејќи има „вулкан внатре во вулканот“.

Во претходните 500 години Тал еруптираше повеќе од 30 пати, а последниот пат во 1977 година. Во ерупцијата во 1911 година настрадаа 1.500 луѓе. 

Коментирај