Првата полуфинална вечер на овогодинешниот Евросонг заврши синоќа, а во финалето се пласираа 10 земји: Швајцарија, Ерменија, Исланд, Литванија, Португалија, Норвешка, Грција, Украина, Молдавија и Холандија.

Големо внимание привлече настапот на претставничката на Албанија, Ронела Хајати, која ја отвори првата вечер со песната „Secret“.
Иако не се пласираше во финалето, за нејзиниот настап и денеска се зборува. Имено, таа на крајот од својот енергичен настап покажа двоглав орел, кој е симбол на Албанија.
Нејзиниот настап во полуфиналето за само два часа беше прегледан речиси 200.000 пати на YouTube. Многумина сметаат дека е неправедно што Ронела не се пласираше во финалето.
Швајцарија
Мариус Беар ја претставуваше Швајцарија со песната „Boys Do Cry“. Тој на евровизиската сцена излезе облечен целиот во црно. Неговиот настап беше многу едноставен, само тој и рефлектор кој фрлаше светлина врз него во темнината. Сепак, тоа беше доволно за да се пласира во финалето.
Ерменија
Ерменија ја претстави пејачката Роза Лин со песната „Snap“ која зборува за несоницата. Сцената за време на нејзиниот настап беше бела, централната позиција беше окупирана од кревет опкружен со ѕидови од кои изведувачката го вадеше тапетот под кој се наоѓаа стиховите од нејзината песна.
Исланд
Исланд го претставуваа трите сестри Сигридур, Елисабет и Елин, кои ја започнаа својата заедничка кариера во 2011 година под името „Sísý Ey“ (по нивната баба). Песната „Með Hækkandi Sól“ е за најтемната зима што го чека сонцето кое ќе ги разнежни долгите ноќи со светлина и ќе ги стопли нашите прегратки.
Литванија
Моника Лиу ја отпеа песната „Sentimentai“ која евровизиските фанови ја опишаа како „плашлива диско“.
Португалија
Мариана Бриту да Крус Форжас Сека, со уметничко име Мару, ја претставуваше Португалија со песната „Saudade, saudade“. Откри дека песната е посветена на нејзиниот дедо кој починал. „Беше голем дел од мојот живот и од мене. Во песната зборувам за тоа колку ми недостига“, изјави Мару.
Норвешка
Норвешките претставници оваа година беа членови на групата „Subwoolfer“ кои ја изведоа песната „Give That Wolf a Banana“ (Дај му на волкот банана) која зборува за коронавирусот. Сабвуферите се основани минатата година, се кријат зад маска и костум на волк, а се нарекуваат Кит и Џим. Нивниот вистински идентитет не е откриен, а тие се претставуваат како најголемата група во универзумот, формирана пред 4,5 милијарди години на Месечината каде што имале успешна поп кариера.
Грција
Аманда Јорјади Тенфјорд ја претставуваше Грција со песната „Die Together“, која истражува голем број перспективи на врската што умира.
Украина
Еден од најочекуваните настапи на вечерта беше оној на претставникот на Украина, оркестарот Калуш, кој ја изведе песната „Stefania“. Песната фронтменот Олех Псиук ѝ ја посвети на својата мајка, а тој тврди дека ова е најдоброто нешто што ѝ го направил во животот. Мелодијата лесно влегува во уво, впечатлив е настапот на изведувачите во носии во комбинација со народната носија на нивната земја. Според сите обложувалници, Украина ќе победи на Евровизија.
Молдавија
„Zdob și Zdub“ по трет пат ја претставува својата земја на ова натпреварување, а оваа година ја изведоа песната „Trenulețul“. Комбинацијата од хармоника, виолина и гитара многумина ги потсети на фолк. „Хардкор фолк екстраваганција“ е термин што го користат членовите на бендот за да ја опишат нивната музика.
Холандија
Холандската претставничка Стин ден Холандер, со уметничко име Ѕ10, ја изведе баладата „De diepte“.
Пејачката за време на настапот беше на подиумот во црн смокинг кој беше скратен напред, а долг назад. Сцената имаше драматично осветлување.
Втората полуфинална вечер ќе се одржи в четврток, на 12 мај, а финалето е закажано за в сабота.