Свет

Народна Република Донецк се прогласи за суверена држава

12. мај 2014 - 18:32 | Макфакс

Народна Република Донецк попладне се прогласи за суверена држава, јави руската агенција РИА Новости, повикувајќи се на соопштение на „привремената влада“. Исто така, во прогласот во Донецк побарано е од Русија да го разгледа прашањето за влез на Народната Република Донецк во составот на Руската Федерација.

„Ние, народот на Народна Република Донецк врз основа на резултатите од референдумот одржан на 11 мај 2014 година и декларацијата за суверенитет прогласуваме дека од сега Народна Република Донецк е суверена држава. Поаѓајќи од изразената волја на народот на Народна Република Донецк и поради воспоставување на историска правда ја молиме Руската Федерација да го разгледа прашањето за влез на Народна Република Донецк во составот на Руската Федерација“, се наведува во прогласот.

Прогласот го прочита потпретседателот на привремената влада на Народна Република Донецк, Денис Пушилин.

Претходно претседателот на Централната изборна комисија на самопрогласената република Роман Љагин соопшти дека за време на вчерашниот референдум 89,7 отсто од избирачите ја поддржаа самостојноста на Донецкиот регион на истокот на Украина.

Коментирај