Наука

НАСА се подготвува за „Богот на хаосот“

3. мај 2019 - 12:24 | К.З.

Подготовките за огромниот астероид наречен „Богот на хаосот“ веќе започнаа, а според пресметките на НАСА, тој би требало да помине во близина на Земјата за десет години отсега.

На 13 април 2029 година, луѓето на небото ќе можат да забележат мала точка светлина која поминува над нив, што ќе стане посветла и побрза со секој изминат момент. Таа ќе патува толку брзо што ќе ја помине цела должина на Месечината за само една минута и ќе биде светла како ѕвездите на небото.

Се работи за астероидот чие официјално име е Апофис, по египетскиот Бог на хаосот. Астероидот има широчина од 340 метри и е еден од најголемите што некогаш поминале во близина на Земјата. НАСА веќе започна со подготовки за неговото доаѓање, кое ќе биде безопасно бидејќи Апофис ќе пролета на 30.000 километри оддалеченост од Земјата.

Апофис ќе помине доволно далеку од Земјата за да не предизвика штета на нашата планета, а доволно блиску за научниците на НАСА да можат да извлечат податоци од него. Досега НАСА имаше шанса да набљудува помали астероиди од поблиска дистанца, но никогаш досега не бил забележан поголем астероид на оваа далечина.

„Доаѓањето на Апофис во 2029 година ќе биде неверојатна можност за науката. Ќе го набљудуваме астероидот со оптички телескопи и радари. Преку радарите, ќе можеме јасно да ја видиме површината на астероидот“, изјави Марина Брозовиќ, радарски истражувач и научник во НАСА.

Астероидот ќе биде видлив со голо око на ноќното небо над Јужната хемисфера, поминувајќи преку источниот до западниот брег на Австралија. Потоа, Апофис ќе пропатува по должината на Земјата, преку Индискиот Океан кон САД. Најмногу ќе се приближи на Земјата кога ќе прелетува преку Атлантскиот Океан, кој ќе го прелета за само еден час.

Коментирај