Вести

НАСА ве повикува: Да избереме име за новиот ровер што ќе оди на Марс

24. јануари 2020 - 10:01 | А.С.

Новиот ровер на НАСА што би требало да слета на Марс во февруари, 2021 година уште нема име, па американската вселенска агенција ги повика учениците и студентите да му одберат име.

Роверот ќе биде лансиран во јули годинава од Кејп Канаверал во Флорида, а се очекува да слета во кратерот Језеро на Марс на 18 февруари, 2021 година. Мисијата се предвидува да трае најмалку една марсовска година, односно 678 дена сметано на Земјата.

Со цел да привлече интерес за мисијата и наедно да ги инспирира младите да студираат физика, технологија, инженеринг и математика, односно науки и дисциплини што го овозможуваат истражувањето на вселената, НАСА го спонзорираше предизвикот Name the Rover. Натпреварувањето беше отворено за ученици и студенти во државни и приватни училишта, како и оние што се школуваат сами, а фокусот беше ставен на есејот во кој натпреварувачот ги објаснува причините зошто го избрал предложеното име за роверот.

Условите гласеа: Името на роверот не смее да биде подолго од 50 букви и симболи, а есејот треба да содржи најмногу 150 збора. Еден ученик, односно студент може да конкурира со едно име и есеј. Името не смее да се совпаѓа со други досегашни вселенски мисии или програми на НАСА. Може да се предложи име на вистинска личност, но мора да биде почината.

Децата ширум САД, од оние на предучилишна возраст па се до средношколци, предложија 28.000 имиња, од кои во полуфиналниот избор влегоа 155, а во финалето – девет предлог-имиња.

За нив може да се гласа на интернет-анкетата на НАСА, која е отворена до 27 јануари.

Ова се предлог имињата за кои може да гласате на ОВОЈ ЛИНК:

1) Endurance 

2) Tenacity

3) Promise 

4) Perseverance 

5) Vision 

6) Clarity 

7) Ingenuity 

8) Fortitude 

9) Courage 

Резултатите ќе бидат објавени на 15 март. Ученикот предлагач, чие име ќе има најмногу гласови, ќе има прилика да го проследи лансирањето на роверот.

Коментирај