Култура
ИНТЕРВЈУ СО РЕЖИСЕРКАТА НА МЈУЗИКЛОТ „МАММА МИА!“

Наташа Поплавска: Многу е важно да не ѝ се умилкуваме на публиката

30. март 2018 - 10:50 | АЛЕКСАНДРА СПАСЕСКА

Мјузиклот „Мамма миа!“ досега имаше 10 изведби, го погледна публика од повеќе од 5.700 посетители во МНТ, со однапред распродадени термини во декември. Овациите не изостануваа по секоја изведба, а критичарите имаа само пофални зборови. Публиката ќе има можност до крајот на сезоната да ужива во моментно најгледаниот бродвејски  мјузикл, а следната изведба е закажана за 11 април.

Ова се, секако, завидни бројки, но не се изненадување кога се знае дека зад проектот стои име како Наташа Поплавска. Како креативец од редок калибар, Поплавска со задоволство се навраќа на првите контакти со сцената, на проекти што биле пионерски чекори на нашата сцена и секако, со визионерски поглед гледа напред.

Зад вас е долгогодишно искуство во театарот и балетот, а сцената ја носите во генетскиот код. Колку често кај нас уметноста го имитира животот и обратно?

Често. Другото нема поента. За тоа зборува уште Аристотел, во својата „Поетика”. Театарот претставува мимезис на животот, а зборот „мимезис” има пошироко значење од само имитирање, тоа е и презентација и мимикрија, односно преправање, подражавање... Така што, одговорно тврдам дека театарот е слика, одраз на животот. Често нашите претстави се одраз на општеството во кое живееме, но често знаат да бидат одраз и на нашта моментална емотивна состојба или проблем кој длабоко, интимно нѐ мачи. Се разбира важна е идеjата на режисерот и целиот тим.

Кога во септември, 2015 година го поставивте мјузиклот „Чикаго“ на македонска сцена, тоа беше прв мјузикл со лиценца што го видела нашата публика во изведба на македонски ансамбл. Од идеја до реализација на овој проект поминале речиси десет години. Каква беше приказната со „Мамма миа!“, имајќи предвид дека станува збор за копродукција со словенечки „Проспот“?

Со „Мамма миа!”  времето од идејата до реализацијата беше многу пократко отколку за „Чикаго”.  Поточно, следната година добив отворена понуда од застапникот на авторските права на мјузиклот „Мамма миа!”, господинот Јуриј Франко да го поставам и овој мјузикл во Македонија. Како и за „Чикаго” така и сега патот го започнав сама и првиот договор за соработка со словенечката куќа Проспот ја потпишав преку македонската асоцијација за развивање на уметност и културна соработка, АРТ МЕДИА. Потоа заедно со Проспот проектот го понудивме во Македонскиот Народен Театар. Искуството од „Чикаго” што го поминавме со Македонскиот Народен Театар, многу помогна во реализацијата на „Мамма миа!”. Овој пат целосната реализација одеше многу полесно, земајќи предвид дека со нас беа и колегите од „Проспот” кои се веќе искусни во продуцирање на три претстави со различни ансамбли, режисери и тоа во Белград, Љубљана и Загреб, така што во целата реализација јас бев во тесна соработка со нив.

Честитки од страна на словенечкиот продуцент пристигнаа уште на премиерата за сработеното, а особени пофалби добивме за спретноста во однос на продукцијата, поточно единствени сме што успеавме за тoчно два месеца работа на сцена да излеземе со премиера. Се разбира зад професионалната и ефикасна реализација на „Мамма миа!”, стоеше извршниот продуцент на Македонскиот Народен Театар, Симона Угриновска, денес директор на куќата, која што беше со мене и  за остварувањето на „Чикаго”, како и исклучително професионалниот изведувачки тим избран по пат на отворена аудиција, мојот авторски тим и соработници, техничкиот тим, спонзорите... и по малку среќа.

Мјузиклот како форма кај нас ретко се поставува на сцена, а голем е предизвикот да се работи на проект со лиценца. Што ви беше одлучувачки момент во изборот на актерите за главните улоги?

Во мјузиклот правилата се строги и за избор на актери, како и за добивање и задржување на лиценцата. Особено што во мјузиклите по правило се предведуваат и алтернации на главните ролји. Тоа значи дека се бараат актери кои се во постојана физичка, пејачка и актерска форма. Тоа подразбира дека не е доволен само талент за пеење и играње, туку и сериозно работа врз нивното тело и глас. На аудицијата се пријавија околу 146 кандидати, во потесен круг влегоа 77 кандидати кои вклучуваа актери, пејачи и играчи. Така успеавме со Сара Николовска, Ана Костова, Олга Панго и Ирена Лозинска да создадеме тим од актери кој танцуваат и пејат, танчери што говорат, пејачи што танцуваат.

Создадовме наш хор, наш балетски ансамбл, комбинација од играчи од Македонската опера и балет, млади актери и играчи од средното балетско училиште и факултетот. Направивме спој од младешка енергија, талент и со многу работа постигнавме завиден резултат. Затоа, ќе кажам дека одлучувачки момент секогаш е квалитетот на гласот за потребите на ликот, спретноста во танцувањето на актерот, жртвата која што треба да ја даде поединецот... искуството и се разбира актерската енергија која го пробива четвртиот ѕид.

Дали размислувате да режирате оригинален македонски мјузикл во кој би имале поголема контрола врз правецот во кој ќе се развива делото органски?

Размислувам... и знам кој ќе ја прави музиката. Но, сметам дека ние сѐ уште не сме подготвени за поставување на оригинален македонски мјузикл, треба уште многу години работа на мјузиклот како жанр, негов развиток, занимавање со оваа форма во поширока смисла. Мјузиклот треба да се внесе и на академиите како правец, актерите и публиката да имаат можност да се во допир со жанрот.  За да се создаде мјузикл, треба добро да се познава драматургијата на мјузиклот и во музиката и во драмата. Тој има свои неприкосновени правила, без кои не се може. Во мјузиклот нема импровизација. Кога имаме музика, односно ноти, времето е мерливо... па затоа и структурата на драмската и музичката рамка мора да е прецизна. Музиката и драматургијата во мјузиклот се развиваат заедно и создавањето на делото мора да оди во тесна соработка помеѓу композиорот, писателот и режисерот.

Нашата драматургија и онака е кревка, според тоа сметам дека имаме уште доста работа на темата создавање македонска драма, па натаму развивање на одредени жанрови, како што е на пример мјузиклот. Би требало да се направи дистинкција помеѓу она што е кабаре, мјузикл, музичка претстава... затоа што сите овие жанрови имаат свои правила на пишување и своја базична драматуршка матрица без која не може да се твори. Во таа смисла ќе треба да стекнеме поголемо искуство за да создадеме солиден македонски мјузикл како драмтуршки, така и музички. И се разбира би требало да развиеме мјузикл театар кои во својот ансамбл ќе вбројува актери, танчери, музичари и пејачи кои ќе се занимаваат сериозно со оваа форма. По мене тоа е единствениот начин да се создаде сериозен македонски мјузикл, а тоа е уште долги години работа на оваа тема.

Носењето на звучен наслов на нашата сцена од една страна се чини како „сигурен облог“ – публиката горе-долу ја знае приказната, ја обожава музиката, делото веќе е хит. И потоа доаѓа потешкиот дел – да се оправда тој наслов и да му се даде нов живот на делото. Тука голема улога игра препевот и адаптацијата на текстот, особено на песните на ABBA што толку добро ги знаеме и сакаме. Препевот на песните е на актерката Тина Трпкоска. Како одеше соработката со неа, колкав беше предизвикот и колку интервениравте Вие во овој процес?

На младата актерка Тина Трпковска и ја дадов довербата да ги направи препевите на мјузиклот „Мамма миа!“, зошто во текот на пробите на мјузиклот „Чикаго” таа интервенираше во една песна и видов дека може да се справи со оваа задача. Најпрвин ѝ дадов три песни кои требаше да се одобрат од АББА. Се разбира имавме зададен точен правец и параметри за работа на препевите и ги следевме во текот на работата. Но, за да препевите на песните од АББА бидат во ваква форма во која денес публиката ги слуша, мораа да поминат низ многу раце, најпрвин моите, па потоа низ рацете на нашиот музички корепетитор Сара Николовска која внимателно го избираше, мереше секој збор заедно со Ана Костова – професор по хорско пеење, а двете во тесна соработка со мене и со Тина Трпкоска. Тие со своето искуство како пејачки несомнено нѐ водеа точно во ритмиката на зборот и мелодијата. Од друга страна пак мојата долгогодишна соработничка Наташа Илијевска, преведувач и професор по англиски работеше на преводот на текстот и беше во постојана соработка со мене. И потоа повторено свежо печениот препев и превод на „Мамма миа!“ дојде во рацете на глумците, односно тие што ќе ги изведуваат песните, па како неминовен дел од процесот на создавање на една претстава и на сцена правевме ситни корекции со актерките Билјана, Арна, Тања... за да дојдеме до најдоброто. Со огромна работа и труд од неколку месеци и повеќе вклучени страни се дојде до резултатот кои публиката денес го слуша и гледа на сцена. Така беше и за „Чикаго“, секогаш мора да помине низ моите раце, рацете на музичарите и рацете на актерите, со тоа што тогаш препевот го работеше Маја Павловска во соработка со корепетиторот по пеење Марија Димитријевиќ. Кога се работи за превод на мјузикл, работата е малку посложена односно неминовна е соработка помеѓу сите инволвирани страни режисер, преведувач, музичар, пејач, актер... за да се дојде до вистинскиот превод, препев.

Колку сметате дека е важно да ѝ се даде на публиката тоа што го сака, но и да ѝ се понуди нешто што ќе ја измести од нормата, ќе ја извади од линиите, ќе ѝ ја заскокотка имагинацијата, но и интелигенцијата?

Многу е важно да не ѝ се умилкуваме на публиката, да не бараме изнудени аплаузи, односно да не ги сквернавиме делата само за да добиеме аплауз или смеа од другата страна. Исто така, многу е важно публиката да излезе збогатена од сала, со мисла, заклучок, проблем... што и да е, бар една реплика, збор да го замисли гледачот. Што се однесува до изместување на нормата, тоа и е суштината на театарот... ние се занимаваме со професија која создава имагинарен свет, но истовремено сакаме и да отвараме туѓи имагинарни светови. Театарот е чинам единствено место каде што се случува во живо, размена помеѓу авторите, актерите и публиката, а се случува „ОВДЕ и СЕГА”! 

Од „Едмонд“ во 1995 година досега, кое дело што сте го поставиле на сцена ви е најдраго, во поглед на предизвик за Вас како уметник?

Ах, ова е едно од најтешките прашања... не можам да кажам... едноставно со сите дела си некако врзан и имаш емотивни сеќавања, најчесто убави, ретко лоши... но со тек на време и откако не се играат, ти стануваат уште поважни. Во таа смисла навистина е тешко за авторот да каже кое е тоа дело, како да кажеш кое дете ти е најубаво... Денес подготвував своја биографија за ново програмче за нова претстава и сфатив колку од моите претстави биле забележени од критиката позитивно, кои поместиле граници, а кои поминале помалку забележани, колку многу мои претстави и нејзини соработниците биле наградени и морам да признам дека тоа сознание ме направи горда, ми даде поттик за понатамошна работа, но истовремено ме чукна по глава и ми кажа „Внимавај што правиш!” Па во таа смисла ќе кажам дека секое дело е значајно за авторот, а за мене како уметник сметам дека особено важни одскоци беа претставите: „Сина соба” (2002) од Дејвид Хер во продукција на АРТ МЕДИА, една од првите приватни театарски продукции во Македонија. Претставата се играше на малата сцена во МНТ со двајца актери кои играа на 4х4 метри квадратни, публика од 100 души седеше околу нив, а цената на билетот чинеше од 1.200 до 500 денари и до крај се бараше билет повеќе, врски се фаќаа по скопските кафиќи за да се дојде до билет, провокативен музички спот на ТВ, подоцна и забранет спот на ТВ, едни од најдобрите актери...

Тоа беше поместување на границите, а истото чинам се случи и со “Чикаго” (2015) од Боб Фос... многу од колегите ми честитаа со репликата: “сериозно поместување на театарските граници во Македонија.“

Потоа претстава која сѐ уште ме замислува и лично ме поместува е претставата „Љубовни пози на историјата” од Горан Стефановски која се игра во Прилепскиот театар, со која на фестивалот Војдан Чернодрински 2017 ја добивме наградата за Најдобра ансамблова актерска игра како и наградата за Најдобра сценографија која отиде во рацете на Емил Петров. Тука некаде би ја вброила и претставата “„Зојкиниот стан” од Михаил Булгаков која што ја работев во Белградскиот Драмски Театар. Оваа претстава е особено значајна за мене и мојата лична приказна, земајќи предвид дека и јас и Булгаков семејно потекнуваме од исто поднебје. Иако по татко сум Русинка, ова е прва моја претстава работена по текст на руски автор и мислам дека успеав добро да се справам со Миша.

Театар, мјузикли, современ балет. Кој е следниот предизвик за Наташа Поплавска?

Мојот следен предизвик ми ја гали душата, тоа е балетот, мојата прва љубов и мојот прв контакт со сцената. Со особено внимание и љубов работам на мојот следен предизвик, современ балет „ЛИБЕРТАНГО”, за кое напишав либрето по идеа на кореографката од Италија, Сабрина Боско. Балетот го создаваме по музиката на големиот италијански композитор, Астор Пијацола, а со мене е и мојот долгогодишен соработник, костимографот Александар Ношпал. Така што периодов уживам во звуците на тангото, класиката и џезот отсвирени преку банденеонот на Пијацола. Со нетрпение ги чекам сценските проби и создавањето на магијата кога ќе ги спојуваме музиката со движењето со костимот со шминката, светлината... и кога ќе ги дадеме последните финеси во колоритот за да ја постигнеме потребната магија. Премиерата е предвидена на 17 април во Македонската опера и балет, се надевам ќе уживаме заедно!

(Фото: Емил Петро)

Коментирај