Научната фела долго време дебатира за тоа што точно се наоѓа во самиот центар за Земјата, а најновите истражувања ја докажуваат теоријата дека нашата планета има одвоена железна кугла внатре во своето метално јадро.

Под кората, плаштот и растопеното течно надворешно јадро се наоѓа цврст метален центар на Земјата, кој всушност има уште еден скриен слој или „најдлабоко внатрешно јадро“, стои во новата студија објавена во списанието Nature Communications.
Монументалното откритие сугерира дека Земјата има 5 главни слоја наместо 4 и нуди нови податоци кои научниците би можеле да ги употребат за решавање на некои од најстарите мистерии за нашата планета, како и за нејзиното настанување.
Научниците пред околу 20 години прв пат ја разгледаа теоријата дека јадрото на Земјата може да има дополнителен, невидлив слој, се вели во соопштението за медиуми. Сега, користејќи нови податоци собрани со мерење на сеизмичките бранови на земјотресите кои минуваат низ центарот на Земјата, истражувачите конечно го открија тоа највнатрешно јадро.
Сеизмичките бранови се вибрации што се движат во или по површината на Земјата и низ нејзините внатрешни слоеви како резултат на земјотреси, вулкани или други причини.
„Во оваа студија, за прв пат, известуваме за набљудувања на сеизмички бранови кои потекнуваат од силни земјотреси кои патуваат напред-назад од едната до другата страна на земјината топка до пет пати како рикошет“, рече коавторот на студијата, д-р. Тан-Сон Пам.
Користејќи инструменти кои детектираат вибрациски бранови, истражувачите откриле дека најдлабокото внатрешно јадро има изразена анизотропија, што е својство на материјата што ѝ овозможува да прими различни карактеристики во зависност од аголот од кој ѝ се пристапува. Пример за предмет кој е анизотропен е парче дрво: многу е полесно да се расцепи парче огревно дрво удирајќи го во правец на неговите прстени отколку во него. Тоа е таа особеност што го разликува најдлабокото јадро.
Истражувачите набљудувале колку брзо сеизмичките бранови патуваат низ земјиното јадро во различни насоки и откриле дека најдлабокото внатрешно јадро ја менува брзината на тие бранови на поинаков начин од слојот над него, надворешното средно јадро.
Откривањето на новиот слој на над 1.600 километри под нашите нозе е многу важно. Доказ дека постои уште еден слој во јадрото би можел на научниците да им овозможи подобро разбирање на магнетното поле на Земјата и како тоа се развивало.
„Новото откритие исто така ни дава увид во она што можеби се случило со другите планети. Да го земеме Марс како пример. Уште не разбираме зошто магнетното поле на Марс во минатото престанало да постои“, вели Пам.