Наука

Научниците за прв пат снимија распаѓање на астероид

7. март 2014 - 17:49 | Б.С.Б.

Телескопот Хабл за прв пат сними уништување на астероид од 200.000 тони од непознати причини. Снимката на распаѓањето е создадена во период од неколку месеци, а астероидот се распаднал во десетина парчиња, соопштија научниците од НАСА.

Најголемите делови се со обем од 180 метри, а во иднина сите ќе се распаднат во мали фрагменти.

Научниците и претходно виделе комети од мраз и честички прашина кои се распаѓаат додека се приближуваат кон Сонцето, но ваков случај досега немаат видено.

„Станува збор за карпа и навистина е неверојатно да се гледа како се распаѓа пред нашите очи“, вели Дејвид Џевит од Универзитетот Калифорнија.

Според соопштението на НАСА, астероидот P/2013 R3 бил забележан минатата година.

„Телескопот Хабл ни овозможи да видиме дека станува збор за 10 тела кои имаат опашка како кометите. Најголемите фрагменти имаа пречник од 365 метри“, додава Џевит.

Астрономите не ја знаат причината за распаѓањето на астероидот, но ја отфрлаат можноста за судир со друг астероид. Таквиот судир би бил моментален и силен, а брзината на движењето на помалите карпи би била многу поголема. Астероидите не се распаѓаат поради притисокот или внатрешното загревање и испарување на мразот.

За овој феномен научниците долго време дискутираат, но сè уште го немаат одговорот. Најверојатното сценарио по кое го објаснуваат овој чуден феномен е благиот ефект на Сонцето кое предизвикува промена во ротацијата на астероидот. Со текот на времето неговите делови под влијание на центрифугалните сили почнуваат да се одвојуваат.

Коментирај