Фудбал

Навивачите на Барселона не сакаат дрес каков што има Хрватска

19. септември 2018 - 17:08 | К.З.

Судејќи по анкетите во медиумите, навивачите на Барселона не го сакаат новиот дизајн на дресовите кои идната сезона би можеле да ги носат играчите на овој клуб. Во интернет анкетата спроведена од Mundo Deportivo дури 76% од луѓето гласаа против новиот дрес.

Како што пишуваат шпанските медиуми, од наредната сезона играчите на Барселона би можеле да се појават во дресови слични на „шаховницата“ на Хрватска, со што првпат во 120-годишната историја ќе остане без традиционалните сини и црвени риги.

Американската компанија Nike е одговорна за производство на дресовите на Барселона, па тие предложија дека не би му штетело на каталонскиот клуб доколку направи промена на дресовите. Како идеја им послужи дресот на хрватската репрезентација во кој тие го освоија сребрениот медал на овогодинешното Светско првенство во Русија.

„Барселона треба да се откаже од таквиот експеримент и да го задржи својот класичен стил. Хоризонтални линии, тенки риги, дебели риги и квадратчиња не се дел од стилот на Барселона“, рече еден фан на клубот.

Дизајнот на новиот дрес беше планиран како подарок од Nike по повод 20-годишна соработка помеѓу американската компанија и Барселона. Играчите на овој клуб носат дресови произведени од Nike од 1998 година наваму.

Коментирај