Кошарка

НБА: 61 поен за магичниот Харден во победата над Спарс

23. март 2019 - 9:36 | К.З.

Феноменалната сезона на Џејмс Харден продолжува да ги воодушевува сите љубители на кошарката, откако синоќа постигна 61 поен и го израмни неговиот личен поентерски рекорд во победата над Сан Антонио Спарс.

Тимот на Хјустон Рокетс го совлада тексашкиот ривал Сан Антонио Спарс со резултат 111:105, најмногу благодарение на Џејмс Харден, кој го израмни неговиот поентерски рекорд во кариерата.

„Брадата“ беше незапирлив во текот на целата вечер и одбраната на Спарс навистина не знаеше како да се одбрани од него. Тој погоди 9 тројки од 13 обиди, а вечерта ја заврши со 61 поен, 7 скока и само една асистенција. Неговиот партнер од бековската линија, Крис Пол, постигна 18 поени, а Ерик Гордон беше трет и последен играч кој забележа двоцифрен број на поени.

Лошата шутерска вечер ги чинеше кошаркарите на Спарс пораз и прекинување на победничката низа. Иако поените беа подобро распределени отколку во составот на Рокетс, сепак ниту еден од играчите не презема лидерска улога и најдобар поединец на вечерта беше Брин Форбс, кој постигна 20 поени.

Останати резултати:

Орландо Меџик – Мемфис Гризлис 123:119

Кливленд Кавалирс – Лос Анџелес Клиперс 108:110

Њујорк Никс – Денвер Нагетс 93:111

Торонто Репторс – Оклахома Сити Тандер 109:116

Милвоки Бакс – Мајами Хит 116:87

Лос Анџелес Лејкерс – Њу Џерси Нетс 106:111

Коментирај