Кошарка

НБА: Дејвис „се покаја“ и се врати на теренот за да му донесе победа на Њу Орлеанс

9. февруари 2019 - 10:08 | К.З.

По бурниот крај на трејд-периодот во НБА лигата, навивачите на Лос Анџелес Лејкерс можат да бидат разочарани поради тоа што раководството на нивниот тим не успеа да го донесе Ентони Дејвис, кој една недела претходно побара да биде трејдуван. Синоќа, тој се покаја и се врати во составот на Пеликанс.

Њу Орлеанс Пеликанс го доби мечот против Минесота Тимбервулвс со резултат 122:117 и стигна до 25-тата победа во сезоната.

Натпреварот го одбележа враќањето на Ентони Дејвис во составот на Пеликанс, и веднаш покажа пред сите за што е способен еден играч од неговиот калибар. Во нешто помалку од 25 минути, Дејвис постигна 32 поени и додаде 9 скока, со што му донесе победа на неговиот тим. Неговиот соиграч Џру Холидеј додаде 27 поени и 9 асистенции, додека Кенрич Вилијамс вечерта ја заврши со 19 поени.

Фантастичната игра на Карл-Ентони Таунс продолжи и во натпреварот против Пеликанс, забележувајќи 32 поени, 8 скока и 2 блокади. Тој неодамна беше избран за учесник во Ол Стар натпреварот, но неговиот тим полека губи чекор во борбата за плејоф во Западната конференција. Ендру Вигинс забележа редок дабл-дабл со 23 поени и 10 скока, а Ајзеа Канаан и Џеф Тиг постигнаа по 12 поени.

Останати резултати:

Детроит Пистонс – Њујорк Никс 120:103

Филаделфија Севентисиксерс – Денвер Нагетс 117:110

Вашингтон Визардс – Кливленд Кавалирс 119:106

Бруклин Нетс – Чикаго Булс 106:125

Далас Маверикс – Милвоки Бакс 107:122

Феникс Санс – Голден Стејт Вориорс 107:117

Сакраменто Кингс – Мајами Хит 102:90

Коментирај