Кошарка

НБА: Дончиќ го покори шампионот Голден Стејт

18. ноември 2018 - 11:45 | К.З.

Синоќешната вечер во НБА лигата донесе голем број интересни натпревари, а тимовите полека ја формираат плејоф сликата во двете конференции. Во натпреварот помеѓу Далас Маверикс и Голден Стејт Вориорс младиот Лука Дончиќ продолжи да импресионира и му донесе нов триумф на неговиот тим.

Далас Маверикс на домашен терен го совлада актуелниот шампион Голден Стејт Вориорс со резултат 112:109.

За сите оние кои се двоумеа дали Лука Дончиќ ќе успее да се пронајде себеси во НБА лигата, ете го одговорот. Тој е најдобриот стрелец помеѓу новајлиите во лигата и постојано ја има топката во негов посед на крајот од натпреварите на Далас Маверикс. Синоќа младиот Словенец забележа 24 поени и 9 скока во триумфот над Голден Стејт Вориорс, но најимпресивен беше во самиот крај на натпреварот, кога најпрво беше агресивен во нападот и погоди флоутер за да му донесе водство на неговиот тим, за потоа да ги погоди и двете клучни слободни фрлања кои ја потврдија победата на Далас Маверикс.

Лошиот период на Вориорс кој започна кога Кевин Дурент и Дрејмонд Грин се скараа во натпреварот против Лос Анџелес Клиперс, продолжи и во натпреварот против Далас Маверикс. Отсуството на Стеф Кари не можеше да дојде во полош момент, а Вориорс без него веќе наредија три порази во низа. Синоќа најдобри поединци на актуелниот шампион беа Кевин Дурент и Клеј Томпсон, кои постигнаа 32, односно 22 поени.

Останати резултати:

Бруклин Нетс – Лос Анџелес Лејкерс 119:127

Шарлот Хорнетс – Филаделфија Севентисиксерс 119:122

Индијана Пејсерс – Атланта Хокс 97:89

Орландо Меџик – Лос Анџелес Лејкерс 130:117

Њу Орлеанс Пеликанс – Денвер Нагетс 125:115

Бостон Селтикс – Јута Џез 86:98

Чикаго Булс – Торонто Репторс 83:122

Хјустон Рокетс – Сакраменто Кингс 132:112

Феникс Санс – Оклахома Сити Тандер 100:110

Коментирај