Кошарка

НБА драфт: Њу Орлеанс победник на лотаријата, сите очи вперени кон Вилијамсон

15. мај 2019 - 12:04 | К.З.

По бурната сезона која ја оставија зад нив, Њу Орлеанс Пеликанс синоќа добија причина за радост бидејќи топчињата од драфт лотаријата во НБА им го доделија првиот пик на претстојниот драфт. А таму ги чекаат неколку исклучително талентирани кошаркари, меѓу кои и Зион Вилијамсон – феноменот на колеџ кошарката.

Тимот на Њу Орлеанс Пеликанс ја доби можноста да одбира прв на овогодинешниот драфт, а аналитичарите и медиумите сметаат дека уште отсега знаат кој ќе биде избран со првиот пик.

Вториот пик му припадна на тимот на Мемфис Гризлис, а третиот на Њујорк Никс, кои можат само да жалат што среќата им го сврте грбот бидејќи го имаа убедливо најлошиот скор во регуларната сезона, а паднаа дури до третото место на драфтот.

За првпат во историјата лотаријата беше програмирана така што трите тимови со најлош скор од изминатата сезона имаа само 14% шанси да го добијат првиот пик, што е за 11% помалку од досега.

Четвртиот пик му припадна на тимот на Лос Анџелес Лејкерс, петтиот на Кливленд Кавалирс, додека Феникс Санс ќе ја имаат шансата да одбираат шести на претстојниот драфт.

Очекувањата за драфтот се дека Лејкерс ќе се обидат да го трејдуваат нивниот пик во Пеликанс, со цел да го привлечат Ол Стар играчот Ентони Дејвис во своите редови. Во таков случај, покрај првиот пик со кој се очекува да го одберат Зион Вилијамсон, Пеликанс ќе можат да одберат уште еден од ултраталентираните играчи на драфтот, како Џа Морант, Ар Џеј Берет или Руи Хачимура.

Само да потсетиме, македонскиот кошаркар Ненад Димитријевиќ ќе биде помеѓу играчите пријавени на овогодинешниот драфт. Со малку среќа, тој би можел да биде солиден пик од втората рунда за некој од тимовите кои сакаат да го прошират составот со млад и амбициозен плејмејкер.

Коментирај