Стеф Кари и Кевин Дурент беа исклучени вчера вечерта во мечот против Мемфис Гризлис, поради инцидентот кој го предизвика Кари, фрлајќи го заштитникот за заби према судијата.
Новата сезона во НБА донесе изненадувања уште од самиот почеток, но никој не очекуваше дека Голден Стејт Вориорс во првите три натпревари ќе забележат два порази. Фрустрираните играчи на Вориорс вчера повторно загубија, овојпат од Мемфис Гризлис со резултат 111:101.
Стеф Кари во знак на фрустрација вчера „експлодираше“ кон судијата, и во бурната реакција откако не му беше досуден фаул, го фрли заштитникот за уста кон судијата.
Веднаш беше исклучен, по што реагираше и Дурент, кој, според тврдењата на судиите, им пристапил со „многу пцовки и погрдни зборови“, па и тој си заработи исклучување. Додека излегуваше од игра, Дурент се расправаше со противничките фанови, па дури им го покажа средниот прст, за што подоцна проба да се оправда дека „се фалел дека има шампионски прстен, а не го покажувал средниот прст“.
„Не пробав да го погодам судијата, имам подобра рака од тоа и ако сакав – ќе го погодев. Го фрлив заштитникот за заби во знак на фрустрација“, рече Кари по натпреварот.
Во наредните неколку вечери лигата ќе одлучи дали тие ќе бидат суспендирани или не. Голем фактор во евентуалната суспензија би било однесувањето на играчите во минатите неколку години, и нивните претходни слични постапки.
Да се потсетиме, ова не е првпат Кари да го фрли заштитникот за заби кон некого, тоа му се случи и во финалето во 2016 година, кога исто така беше исклучен од натпреварот.