Фудбал

Нејмар: Пехарот мора да биде мој!

17. мај 2018 - 15:23 | А.С.

На Нејмар се чини почна да му недостига фудбалот, па напорно работи за да се врати во форма за почетокот на Светското првенство во Русија по долгата пауза поради операцијата на стапалото.

Поради повредата тој не играше за тимот на ПСЖ кога ја освои титулата шампион на Франција, но тоа не го спречи да се журка во Бразил.

„Почнав да работам тренинзи со топка, додавам, шутирам... се чувствувам добро на теренот. Секако уште има некој страв, но полека-полека ќе исчезне“, рече Нејмар во интервју за „Desimpedidos“ во кое одговараше на прашања на навивачите.

Фудбалерот на ПСЖ сака на Мундијалот во Русија да остави посебна трага и неговата репрезентација да го освои пехарот, прв за Бразил по 2002 година, вкупно шести.

„Мојата најголема инспирација е фудбалот и најмногу сакам да бидам на теренот. Светското првенство е најголемиот натпревар и сакам да го освојам. Тој пехар мора да биде мој!“, рече Нејмар.

На прашањето на навивачите дали е подготвен да ја смени фризурата ако Бразил ја освои светската титула, Нејмар јасно порача: „Ако победиме, ќе направам сѐ што сакате.“

Светското првенство во Русија почнува на 14 јуни, а Бразил настапува во Групата Е заедно со селекциите на Србија, Швајцарија и Костарика.

Коментирај