Европското фудбалско првенство е во полн ек, а од вечерва љубителите на фудбалот ќе треба да ги приспособат биоритмите и на Копа Америка. Во превод - нема да спијат ноќе.

Од вечерва до 14 јули во Соединетите Американски Држави ќе се одржува 48. издание на Копа Америка.
Натпреварите се играат во слотови од полноќ до 3 часот по средноевропско време, што значи дека најжестоките навивачи на најважната споредна игра во светот нема да можат да легнат до околу 5 часот наутро.
Како што е пракса подолго време, на Копа Америка - шампионатот на Јужна Америка не учествуваат само десет екипи од тој континент, туку оваа сезона ќе го „засилат“ САД, Канада, Мексико, Костарика, Јамајка и Панама.
Шампионската титула ја брани Аргентина, а Лионел Меси по втор пат во кариерата ќе се обиде да го подигне трофејот на Копа Америка.
Покрај Меси, главни адути на Аргентина се неговите долгогодишни соиграчи Анхел Ди Марија, Николас Отаменди, Николас Таљафико, Емилијано Мартинес, Родриго Де Пол...
Заедно со Аргентинците традиционално фаворити се и Бразилците кои во САД доаѓаат со пеколен напад. Асовите на Реал Винисиус и Родриго и 17-годишниот Ендрик кој за неколку дена и официјално ќе стане член на Реал ќе сочинуваат напаѓачко трио од кое ќе трепери секој противник.
На оваа Копа Америка ќе можеме да гледаме многу други легенди, но и големи светски ѕвезди.
Уругвај ќе го предводат Луис Суарес (37), Перу Паоло Гереро (40), Еквадор Енер Валенсија (34), Венецуела Саломон Рондон (34), Колумбија Давид Оспина (35) и Џејмс Родригес (32), а во дресот на Чиле ќе ги видиме Алексис Санчес (35) и голманот Клаудио Браво (41), кој воедно ќе биде и најстариот учесник во овогодинешното натпреварување.
Интересно, Ендрик нема да биде најмладиот учесник, туку ќе биде Еквадорецот Кендри Паез, кој со 17 години и 47 дена веќе има осум пријавени настапи и еден гол за националниот тим.
Копа Америка започнува со вечерашниот натпревар помеѓу Аргентина и Канада во 2 часот, а распоредот на натпреварите, составите на тимовите и сите најнови вести за ова натпреварување можете да ги најдете на официјалната веб-страница.