Ненад Георгиевски, Скопје Синема Сити: Ниту еден филм не е дефинитивен документ за некого

Со Зимското издание на Скопје Синема Сити почнува реализирањето на годинашниот Филмски фестивал за музички документарни филмови, кога традиционално ќе се репризира дел од филмовите од претходното, премиерно издание во 2017.

На 2 и 3 февруари 2018, во Кинотека на Македонија, публиката ќе има можност да погледне филмови чии проекции беа дел од третото издание на ССС. Зимското издание е прв од четирите филмски настани што се планирани да се случат оваа година во различни периоди – нешто што организаторите го нарекуваат „Четири годишни времиња“.

Скопје Синема Сити, преку својата платформа и избор на документарни филмови, има за цел да претставува разни музички теми и програми кои истовремено ќе едуцираат и ќе забавуваат. Организатор на фестивалот и селектор на програмата е Ненад Георгиевски, истакнат музички новинар, соработник на All About Jazz и ТВ Војводина, кој и самиот има работено на низа музички емисии и неколку документарни филмови.

„Некои од нив се за наши истакнати музичари кои во тоа време беа активни таму – Кирил Џајковски и ‘Леб и сол’. Тие искуства и заднината со новинарството потоа беа причина да бидам ангажиран како асистент режисер на документарниот филм за Бајага во 2009 г., ‘Музика на струја’, кој беше направен по повод 25-годишнината од неговата соло кариера. Всушност, се работеше за три едночасовни епизоди снимени за РТС и еден голем филм. Работата со филмот потоа ме однесе на фестивалот во Стариград Пакленица и тука почна соработката која после доведе до Скопје Синема Сити. Така се создаде тој домино ефект. Во некоја пригода ќе пуштиме некој од овие филмови“, објаснува Георгиевски во разговорот за Кајгана.

Неизбежно беше да се преплетуваат неговите лични искуства во разговорот за Зимското издание на фестивалот, но, да не одиме прекутрупа.

Најпрво, кога ја добивте идејата да ја пополните празнината во културниот живот на Скопје со ваков вид на фестивал, имајќи предвид дека и самиот сте музички новинар, и колку беше тешко да се реализира првото издание, имајќи предвид колку е тешко да се добијат изданија на продукции како BBC?

Скопје Синема Сити  е резултат токму на моите искуства во новинарството и на сите остварени контакти и соработки преку All About Jazz и работата во ТВ Војводина, но и на работата на еден сличен ваков фестивал во Хрватска во Стариград Пакленица, каде што бев дел од организацискиот одбор. Со СПФФ работев 5 години на различни аспекти од фестивалот, но најчесто во програмскиот дел. Таму во 2014 и организиравме Недела на македонски филмови бидејќи таа година Македонија беше „Земја во фокус“ во програмата, и тоа беше првиот конкретен чекор кон Скопје Синема Сити. Имавме прекрасни проекции крај морето, со кои прикажавме 13 филмови и по некој концерт.

Долг е патот од идеја до реализација на еден потфат, па така и Синема Сити мораше да чекори по долг и трновит пат за да го реализира своето прво издание, а и подоцнежните. Ситуацијата во земјата беше лоша, кратко пред проекциите ми се роди дете и ред други случувања. Првично имавме идеја фестивалот да го организираме надвор од Скопје, но околностите и проценките нѐ предомислија. Сега, од оваа гледна точка, сфаќам дека сите изданија на ССС беа тешки за организација, но имав среќа бидејќи се најдоа пријатели и организации (Кинотека на Македонија, Дирекција за култура на град Скопје, Амбасадата на Германија, Министерството за култура) да помогнат првото издание да се реализира како што треба. Тоа издание ги постави темелите на концептите и замислите врз кои градевме еден убав настан, со убава платформа која ќе обединува повеќе аспекти од музиката и каде ќе бидат вклучени и домашни продукции и уметници рамо до рамо со странските. Сето тоа со цел да се има настан што ќе претставува богато музичко искуство што ќе ги заигра сите сетила.

Соработката со BBC е од самиот почеток. Првиот нивни филм што го прикажавме беше филмот на Алан Јентоб за Боуви: Стариот актер, и таа соработка ќе продолжи и оваа година. За мене, тоа што е Холивуд за играни филмови, тоа е BBC за документарните. Таа соработка се должи на стари пријателства кога како новинар тропате на многу врати за да дојдете до некој контакт или интервју. Верувам дека на лето ќе имаме нивни гостин на фестивалот.

Кој го сочинува тимот на Скопје Синема Сити? Кој е задолжен за селекцијата и дали процесот се одвива од желба кон достапност или од достапност кон избор? Кој стои зад дизајнот на постерот за ова издание?

Тимот е мал но одбран. Се работи за пријатели и членови од поширокото семејство. Бидејќи соработуваме директно со Кинотека на Македонија, тука ги вбројувам и нив. Тие се интегрален дел од целиот потфат во сите аспекти.

За селекцијата сум задолжен јас. Процесот на селекција не е едноставен и зависи од повеќе аспекти заедно – цена, достапност, концепт, актуелност. Концептот е тоа што ја прави наративата во програмата, како и идејата кои филмови би биле интересни за нашата публика. Од друга страна, важно ми е колку авторот е близок со луѓето кои се тема на филмот. Колку е тој близок до изворот, до уметникот што го прикажува. Бидејќи фестивалов е тесно поврзан со мојата книга со интервјуа која се базира врз лични искуства до самиот извор и тој критериум е важен – блискоста до изворот. Во врска со дизајнот на плакатите, првиот е дело на Александар Даутовски, а вториот и третиот се на Дијана Димитриевска.

Изборот на документарци за ова издание е разновиден и ќе задоволи повеќе вкусови. Имајќи предвид дека фестивалот почна со документарец за Боуви додека тој уште беше жив, а сега пак се навраќате на него како музички феномен, дали може да направите некаква паралела во начинот на кој ги доживувате документарците за живи и активни музичари наспроти оние кои веќе влегоа во легендите?

Токму така, светот на музиката е широк и богат и целта на фестивалот е да го прикаже тоа. Документарните филмови се како интересни книги кои доловуваат различни аспекти од нечие творештво или живот. Не ми е важно дали е некој жив или не, туку дали е актуелен и познат на овдешната публика. Таа актуелност ја постигнавме не само со Боуви, туку и со Коен и сега со Крафтверк. Но ниту еден филм не е дефинитивен документ за некого, што е добро. Боуви е интересен од секој аспект бидејќи е како некаков дада уметник. Никогаш не бил докрај јасен и концизен и затоа е идеален за интерпретација или испитување. Затоа филмовите за него се многу интересни бидејќи доловуваат нешта кои книгите за него не можат да ги доловат. Затоа не пречи да се имаат различни филмови за него или некој друг со текот на годините, напротив. Тоа што е најбитно е колку е филмот добар и е актуелен и се вклопува во некој концепт.

Програма

02.02.2018 (Петок)

20.00– Kraftwerk: Pop Art (60 мин)

21.30– Лиса Жерар:Светилиште (Lisa Gerrard: Sanctuary) (90 мин)

03.02.2018 (Сабота)

20.00 – Во сеќавање на Лу Рид (Remembering Lou Reed) (60 мин)

21.30 – Дејвид Боуви на BBC (David Bowie at the BBC) (60 мин)

Картите може да се купат и резервираат на билетарницата во Кинотека на Македонија.

реклама

Култура

Марко Бањоли во Чифте амам

Read more

МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга

Read more

Филмот на Цветановски со награда за најдобар филм во Калифорнија

Read more

Националниот џез оркестар со „Џез лектира“ гостува во Велес

Read more
 

Вести

Јакимовски призна пораз, ѝ честиташе водство на Сиљановска и ѝ поска среќа во вториот круг

Читај повеќе

Ванковска: Необично е да гласаш за себе, но со тоа ја изразив убеденоста во она што го говорам

Читај повеќе

Силјановска Давкова: Дојде време, дојде час, да си замине оваа власт

Читај повеќе

Одзивот до 19 часот е 48,44 отсто, во Новаци на гласање излегле рекордни 71,07 отсто од гласачите

Читај повеќе

Муцунски: Овој изборен ден е почеток на крајот на оваа власт

Читај повеќе

Левица: Проблеми со фингерпринтот во Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром, доцнење на гласачкиот процес и нерегуларности во избирачкиот список

Читај повеќе

Европски фронт: Очекуваме голема, историска победа, тоа го потврдуваат информациите од терен

Читај повеќе

Две лица од Скопје го искинале гласачкото ливче, неколкумина го фотографирале

Читај повеќе
  • filter

Максим Димитриевски: Народот одлучува за иднината на Македонија

Читај повеќе