Неочекуваниот победник од првиот круг на романските претседателски избори, екстремно-десничарскиот политичар Калин Џеорџеску негираше дека сака да ги напушти НАТО и Европската Унија и се чини дека омекна некои од неговите ставови поради протестите за неговата победа.
Пред првиот круг од изборите во неделата, независниот десничарски политичар Џеорџеску (62) на анкетите имаше поддршка само 4 до 7 отсто од испитаниците и неговата шокантна победа покрена прашања за тоа како е можно такво изненадување. Во вториот круг на 8 декември тој ќе се соочи со центристичката противничка Елена Ласкони.
Џеорџеску доби најмногу гласови од младите гласачи и Романците кои живеат во странство, а неговата кампања беше силно поттикната од TikTok.
Стотици демонстранти излегоа на улиците на Букурешт во вторникот вечерта, извикувајќи: „Не за Путин, не за страв, Европа е наша мајка“ и „Младите ве молат да не гласате за диктатор“. Протести се одржаа и во други поголеми градови.
Џеорџеску претходно ги пофали романските фашистички политичари од 30-тите како национални херои и маченици, ја критикуваше проукраинската позиција на НАТО и Романија и рече дека земјата треба да се ангажира наместо да ја предизвикува Русија.
Но, во објава на Facebook во вторникот вечерта, тој рече: „Не сакам да го напуштам НАТО, не сакам да ја напуштам Европската Унија. Но, сакам да заземам став, а не да клечам таму, да не прифаќаме сè, како што реков, треба да направиме сè, што е во наш национален интерес“.
Романскиот Национален аудиовизуелен совет во вторникот ја повика Европската комисија да ја истражи улогата на TikTok во гласањето, поради, како што рече, „сомнителна манипулација со јавното мислење“.
Потпретседателот на Советот Валентин-Александру Јукан рече дека се верува дека алгоритмите на платформата го засилуваат материјалот што фаворизира еден кандидат и дека не е транспарентен кој ја спонзорира изборната содржина.
Ниту TikTok ниту Европската комисија не одговорија на барањата за коментар.
Џеорџеску рече дека неговиот буџет за кампањата е нула и дека сè е направено од волонтери. Аналитичарите и политичарите рекоа дека неговата изненадувачка победа во споредба со неговите предизборни анкети укажува на странско мешање во изборите.
Пред гласањето, романската разузнавачка агенција им рече на пратениците дека не открила знаци дека националната безбедност била загрозена.