Тирана, 30 ноември 2019 (МИА) – По катастрофалниот земјотрес што Албанија ја погоди утрото на 26 ноември, во селото Јуб, во близина на Драч се појави несекојдневна појава. Земјата распука во долижна од неколку километри, а мирис на гас сè уште се чувствува.
– Видовме голем пламен непосредно по земјотресот, што беше со интензитет од 6,4 степени и почувствувавме силен мирис на гас низ целата област. Земјата е распукана од нашето село па сè до близина на Ѓири и Лалзит (Заливот на Лалзи), изјавија жители на селото.
Во некои делови пукнатината е со широчина од еден метар, а длабочината е до 20 метри.
Низ целото село се гледаат длабоки дупки, а земјоделските површини се покриени со глина. Сè уште се чувствува мирис на гас поради што жителите се преплашени.
Тие бараат во селото да дојдат стручни лица за да го објаснат овој феномен.