Останати спортови
Red Bull Crashed Ice 2017

Неш и Лежер се најбрзите екстремни лизгачи за 2017 година

6. март 2017 - 16:24 |

Светското првенство во екстремен спуст на лизгалки Red Bull Crashed Ice финишираше во Отава со трка на која што присуствуваше и канадскиот премиер Џастин Трудо.

Американецот Камерон Неш го освои светското првенство во екстремен спуст на лизгалки втора година во низа со возбудлив триумф на последната трка од Red Bull Crashed Ice од сезоната 2016/2017. Иако доби топло добредојде и ентузијастичка поддршка од премиерот Џастин Трудо, Канаѓанецот Скот Кроксал мораше да се помири со второто место во генералниот пласман и тоа втора година по ред, откако на првиот свиок во финалната трка се удри во заштитниот ѕид. Поради тоа светскиот првак од 2015 година заврши на разочарувачкото четврто место пред огромната публика што се собра за прославата на 150 години од осамостојувањето на Канада како нација.

Дин Мориарти го освои второто место на патеката исполнета со пречки, додека Швајцарецот Џим де Паоли го освои третото место.

Во конечниот поредок, Американецот Максвел Дан, кој на оваа трка беше деветти, е трет во генералниот пласман зад Неш и Кроксал, додека шампионот од 2014 година, Марко Далаго е четвртопласиран.

Канаѓанката Жаклин Лежер го освои женскиот шампионски наслов по втор пат во низа. Таа е професионален каскадер од Сент Џорџ, Онтарио, и успеа од второто да напредува на првото место со победа во трката при што ја престигна Американката Аманда Транзо на 375 метри долгата патека сместена среде системот паркови на Отава крај Ридо каналот. Патеката со 35 метри висинска разлика се протегаше низ долината која завршува токму пред зградата на парламентот.

 „Среќен сум што стигнав пред Скот и го освоив врвот“, рече Неш кој доаѓа од Минесота и успеа да го впише своето име во историските книги на овој спорт како прв шампион со две титули една по друга. Ова беше негова рекордна осма победа во кариерата и трета во Канада. „Финалето беше лудо, слушнав голема врева зад мене и дека некој силно се удри во оградата, а подоцна видов дека тоа е Скот“.

Неш имаше брилијантен старт и не се сврте назад за да погледне ниту еднаш, но имаше опасен момент во средината на трката кога падна на една пречка, но успеа да стане и да ги остави зад себе Мориарти и де Паоли.

Таквата возбудлива завршница беше соодветна за неверојатната сезона на најбрзиот спорт на лизгалки, во која имаше шест различни победници на осум трки. Неш победи на две од главните трки во Red Bull Crashed Ice (Марсеј и Отава), Кроскал славеше во Јиваскила (Финска), додека Мориарти победи во Сент Пол. За поинтересна сезона се погрижија победниците во Купот на лизгачите каде што имаше четири различни победници.

Иако беше разочаран со расплетот, Кроксал рече дека бил одушевен што се запознал со премиерот Трудо кој му се доверил дека го следи на телевизија.

„Јас му реков „Здраво, јас сум Скот Кроксал“, а тој ми рече „Знам кој си, те гледам на ТВ и навивам за тебе“, рече Кроксал за премиерот Трудо. „Рече дека му се допаднала патеката и дека би сакал да дојде некогаш да ја проба“.

Во ова светско првенство настапија спортисти од 22 земји во светот и од пет континенти. На патеките каде што пречките искрснуваат кога лизгачите постигнуваат по 80 километри на час секогаш има возбудливи трки бидејќи само двајца од стартните четири продолжуваат во следната рунда, се до последните четири.

Резултати (мажи): 1. Камерон Неш (САД), 2. Дин Мориарти (Канада), 3. Џим де Паоло (Швајцарија), 4. Скот Кроксал (Канада), 5. Ричард ван Вијхе (Шведска), 6. Тристан Дужерди (Франција), 7. Томи Мерц (САД), 8. Тајлер Вити (САД)

Табела (мажи): 1. Камерон Неш (САД) 3.000 поени, 2. Скот Кроксал (Канада) 2.337,5 поени, 3. Максвел Дан (САД) 2.272,5 поени

Резултати (жени): 1. Жаклин Лежер (Канада), 2. Макси Плант (Канада), 3. Илејн Тополински (Канада), 4. Јунко Јамамото (Јапонија), 5. Миријам Трепание (Канада), 6. Катрун Бух (Германија), 7. Тамара Каџа (Канада), 8. Анес Моран (Швајцарија)

Табела (жени): 1. Жаклин Лежер (Канада) 2.450 поени, 2. Аманда Транзо (САД) 2.300 поени, 3. Миријам Трепание (Канада) 1.950 поени.

Коментирај