Ракомет

Несопирливиот Хансен смееше да спие дома за време на СП 2019

28. јануари 2019 - 13:51 | А.С.

Данскиот ракометар Микел Хансен е избран за најкорисен играч (MVP) на Светското првенство во ракомет што се одржа во Данска и во Германија.

31-годишниот ракометар на француски ПСЖ со 72 постигнати голови исто така е и најдобар стрелец на завршниот турнир.

Но, одличните достигнувања не беа причина зошто несопирливиот Данец имаше дозвола да спие дома за време на првенството, додека неговите соиграчи беа во карантин.

Хансен смееше да спие дома, во родниот Хелсингор, бидејќи неодамна му се роди син.

„По секој меч што го игравме дома ми беше дозволено да одам дома и да спијам со моето семејство. Селекторот ми излезе во пресрет и ми даде слобода откако се роди син ми Еди Макс. Ме опушти самиот факт дека можам да бидам со најблиските во тие неколку дена. Тоа го извлече најдоброто од мене и тоа јасно се виде на теренот“, изјави Хансен.

Најдобриот ракометар на светот го заврши првенството со 72 голови на десет натпревари и во голема мера придонесе за првото злато на Данска во историјата на светските првенства во ракомет.

Коментирај