Свет

Нетанјаху ѝ дал одврзани раце на армијата за напади врз ирански цели

23. август 2019 - 13:03 | МИА

Тел Авив, 23 август 2019 (МИА) – Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на војската ѝ наредил да направи сѐ што е неопходно за да се спротивстави на иранската закана.

- Никогаш не сум му давал имунитет на Иран. Тоа е држава која се заколна дека ќе го уништи Израел. Таа се обидува да создаде бази против нас насекаде: во самиот Иран, во Либан, Сирија, Ирак и Јемен, изјави премиерот во интервју за Канал 9 на израелската телевизија.

На прашање дали Израел дејствува против иранските сили во Ирак, тој одговори: „Ние дејствуваме на многу воени полиња против државата која се стреми да нѐ уништи. На силите за безбедност им имам дадено слобода да направат сѐ што е неопходно за да пропаднат иранските заговори“.

Лидерите на шиитската организација „Ал Хашд аш-Шааби“ ги обвинија САД дека на израелските дронови им дозволиле да изведуваат напади врз нивниот камп во јужната ирачка провинција Саладин.

Коментирај