Американската стрим-платформа Netflix објави дека во ова тримесечје има најниски приходи од уплата од претплатниците во последниве четири години.
Netflix доби 2,2 милиона нови претплатници во ова тримесечје, заклучно со 30 септември. Според претходни проценки на самата компанија и на Волстрит, тој број требаше да достигне 3,4 милиони.
Слабите приходи се предизвикани од зголемената конкуренција, олеснувањето на мерките против пандемијата на коронавирусот и враќањето на спортските настани на телевизиските екрани.
Акциите на Netflix паднаа на берзите во вторникот, откако во првото полугодие компанијата беше една од најуспешните за оваа година по големиот прилив на претплатници, поради глобалните мерки против коронавирусот, кои ги принудија луѓето да останат во своите домови. Падот изнесуваше скоро шест отсто, на 494 американски долари по акција.
Netflix претходно ги предупреди инвеститорите дека е можен пад на приходите во втората половина на годината, со очекуваното олеснување на мерките против пандемијата.