Филм & ТВ

Netflix предупредува: Не го правете предизвикот „Bird Box“ за да не завршите во болница

3. јануари 2019 - 13:47 | К.З.

Минатата недела Netflix објави дека преку 45 милиони претплатници го гледале новиот хорор „Bird Box“ со Сандра Булок, со што беше поставен рекорд за најгледан филм на оваа стриминг платформа. Филмот го поттикна предизвикот „Bird Box“, за кој Netflix предупредува дека е опасен и треба да престане во истиот момент.

Само пет дена откако беше поставен рекордот за гледаност, Netflix излезе со безбедносен совет за нивните гледачи, апелирајќи да не го практикуваат предизвикот „Bird Box“.

Социјалните мрежи набрзо го проширија предизвикот „Bird Box“, во кој учесниците ги имитираат постапките на ликовите од филмот и се обидуваат да извршуваат задачи додека врз очите имаат превез кој ги оневозможува да гледаат што се случува околу нив.

„Не ми се верува дека морам да го кажам ова, но ВЕ МОЛАМ НЕ СЕ ПОВРЕДУВАЈТЕ СО ПРЕДИЗВИКОТ ‘BIRD BOX’. Не знаеме од каде започна овој тренд и ја цениме љубовта за филмот, но Момчето и Девојчето (референца за двете неименувани деца од филмот) имаат само една желба за 2019 година, и тоа е да не завршите во болница поради мемиња“, пишуваше на Twitter профилот на Netflix.

Предупредувањето од страна на Netflix доаѓа откако низ социјалните мрежи почнаа да кружат огромен број видеа со илјадници луѓе кои го гледале филмот и сакаат да се стават на местото на ликовите во филмот.

Кон предизвикот се приклучија и познати јутубери, познати личности и телевизиски шоуа, кои се обидуваат од него да направат глобален тренд. Очигледно, им успева. Но, по која цена? Секојдневно се пријавуваат повеќе и повеќе нови луѓе кои заработиле повреди поради предизвикот „Bird Box“, до тој степен што Netflix мораше да се вмеша со добронамерен совет.

Коментирај