Живот

Неуспешна аукција: Уметничките слики со потпис на Хитлер останаа непродадени

12. февруари 2019 - 16:49 | К.З.

Името на Адолф Хитлер е испишано со големи, црни букви во историјата, па затоа неговото споменување само по себе е контроверзно. Изминатиот викенд се одржа аукција на која се наддаваше за уметнички слики наводно насликани од германскиот диктатор – и ниедна не се продаде.

Аукцијата се одржа во германскиот град Нирнберг, а на неа можеа да се најдат пет слики со потписот на Адолф Хитлер, како и неколку други предмети кои му припаѓале на нацистичкиот лидер.

Вкупно 63 предмети со потписот „AH“ или „Adolf Hitler“ отидоа на аукција, но не најдоа заинтересирани купувачи. Непродадени останаа и петте слики нацртани со водени бои, кои го носеа потписот на Хитлер, а чија цена почнуваше од 51.000 долари.

Загрижени за автентичноста на секој од предметите, потенцијалните купувачи решија дека нема да наддаваат за нив, и покрај тоа што би можеле да станат сопственици на парче историја кое некогаш му припаѓало на еден од најпознатите луѓе кои живееле на Земјата. Полицијата од Нирнберг веќе отвори истрага за да ја провери автентичноста на сликите и предметите.

„Ако испадне дека тие се лажни, тогаш ќе се обидеме да дознаеме кој стои зад организираната продажба. Доколку тој знаел дека се работи за лажни слики, ќе одговара пред законот“, вели Антје Габриелс-Горсолке, портпаролка на полицијата на Нирнберг.

Самата аукција предизвика голем број критики и ја остави публиката налутена. Градоначалникот на градот, Улрих Мали, рече дека се работи за јавна изложба која е „невкусна и неморална“, нагласувајќи дека изложувањето на предмети со нацистички симболи е забрането во Германија, освен ако не се работи за едукативна или историска намена.

Коментирај