Првата приватно финансирана мисија на Месечината заврши неславно откако израелското летало Beresheet се сруши на површината на Земјиниот сателит откако му откажа едниот од главните мотори.
Beresheet се обиде да изведе „меко слетување“, но имаше технички проблеми додека се спушташе кон површината на Месечината.
Целта на мисијата беше леталото да сними фотографии и да спроведе експерименти.
Израел се надеваше дека ќе стане четврта земја која успешно слетала вселенско летало на Месечината.
Само владините вселенски агенции на поранешниот Советски Сојуз, САД и на Кина успешно испратиле летало на Месечината.
„Не успеавме, ама дефинитивно се обидовме“, рече „мозокот“ зад проектот и главен финансиер, Морис Кан.
„Сметам дека огромно е достигнувањето што воопшто стигнавме до таму, сметам дека можеме да се гордееме“, рече тој.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кој го следеше слетувањето од контролната соба во близина на Тел Авив, рече: „Кога нема да успееш од прв пат, се обидуваш пак.“
По седум недели патување до Месечината, леталото без човечки екипаж влезе во последната орбита на 15 километри од површината.
Тензијата беше на високо ниво во командниот центар со оглед на тоа дека беше изгубена секаква комуникација со леталото, а потоа Офер Дорон, генерален директор на Вселенското одделение на Israel Aerospace Indurstries, соопшти дека има дефект на леталото.
„За жал, не успеавме да слетаме како што треба“, рече тој.
Проектот чинеше околу 100 милиони долари и го поплочи патот за идни мисии за истражување на Месечината.