Шефот на државата, Стево Пендаровски, утрово положи свежо цвеќе на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје.
Цвеќе положи и делегација на техничката Влада, предводена од првиот вицепремиер задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, во чиј состав се министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи. Новиот технички премиер, Талат Џафери од ДУИ не се појави.
Присутна беше делегација на Собранието, но предводена од потпретседателот Горан Мисовски. Во состав на делегацијата се Марија Георгиевска и Велика Стојкова-Серафимовска. Новиот собраниски спикер, Јован Митрески, не отиде на гробот.
Почит на Делчев му одадоа и поранешниот премиер и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски, поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, претставници на дипломатскиот кор, како и претставници на повеќе политички партии и граѓански здруженија.
Делегација на Левица предводена од лидерот Димитар Апасиев, денеска е во Кукуш каде положи цвеќе на местото каде што претпоставуваат дека била родната куќа на Гоце Делчев. Според објавата на Фејсбук, делегацијата ставила фотографија во рамка на Делчев на едно дрво и покрај неа положија мал букет.
„И досега можеа да дојдат овде учителе, во твоето родно место, ама се плашеа од твојот прекор, оти душите си ги продадоа, земјата ја запустија и од себе си се одрекоа. Македонија денес е оваа нова освестена генерација предводена од Левица учителе, којa на твојот роденден во Кукуш го носи крикот на обесправените, понижените и негираните, но и надежта која извира од утробата на Македонија, дека не е доцна да се исправиме, силата да си ја сетиме и достоинството да си го вратиме“, стои во објавата на Игор Смилев.
Левица и лани на истото место во Кукуш го чествуваше раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
💖🇲🇰152 години од раѓањето на Гоце Делчев - македонскиот великан и апостол !!! 🔴Нема родендени со наведнати...
Posted by Igor Smilev on Saturday, February 3, 2024