Германската канцеларка Ангела Меркел вчера го отвори меѓународниот Саем за автомобили во Франкфурт за јавноста и ги повика производителите да инвестираат повеќе во електрични возила.
„Големата мобилност ќе има своја цена ако не се произведуваат поефикасни, климатски погодни возила“, рече Меркел. Таа истакна дека автомобилската индустрија е соочена со „Херкуловски предизвик“ во обид да се создаде одржлив начин на превоз.
Канцеларката предупреди дека не е забележано намалување на испуштањето на јаглерод диоксид во глобални рамки уште од 90-тите. Меркел ја повика автомобилската индустрија да вложува повеќе во производство на евтини и одржливи електрични автомобили.
Deutsche Welle објави дека недоверливоста и незаинтересираноста биле очигледни на отворањето на Саемот во Франкфурт.
Традиционалниот саем во Франкфурт лани привлече 1.000 изложувачи, но годинава таа бројка падна на 800, а настанот се одржува во помала хала.
Вниманието на медиумите повеќе е фокусирано на демонстрантите кои протестираат против автомобилската индустрија, отколку на самиот настан внатре.
Публиката годинава ќе види многу помалку имиња од светот на автомобилите. На Саемот во Франкфурт не учествуваат: Alpine, Aston Martin, Citroen, Dacia, DS, Ferrari, Abarth, Alfa Romeo, FIAT, Chrysler, Jeep, како и брендовите на General Motors – Chevrolet и Cadillac, Infiniti, Mazda, Mitsubishi, Nissan, Peugeot, Rolls-Royce, Subaru, Suzuki, Toyota и Volvo.