Бизнис

Nike и Adidas до Трамп: Тарифите за патики ќе бидат катастрофални за Американците

21. мај 2019 - 10:58 | А.С.

Nike, Adidas, Under Armour, Foot Locker и други големи трговци и брендови за патики вчера упатија отворено писмо до американскиот претседател Доналд Трамп и му укажаа дека предвидените тарифи за увоз на патики од Кина ќе бидат „катастрофални“ за американските потрошувачи.

„Воведувањето на какви било мерки за зголемување на давачките за кинески обувки ќе има и моментални и долгорочни последици за поединците и семејствата во САД“, стои во писмото до Трамп што го потпишаа повеќе од 170 компании за обувки.

„Тоа исто така ќе биде закана за економската одржливост на многу компании во нашата индустрија“, стои понатаму во писмото.

Писмото беше објавено на веб-страницата на Здружението на дистрибутори и трговци со обувки на Америка, беше адресирано и до државниот благајник Стивен Мнухин, министерот за трговија Вилбур Рос, директорот на Националниот економски совет Лари Кадлов и до Роберт Лајтизер од Агенцијата за трговски препораки и политики на САД.

Во почетокот на месецов, администрацијата на Трамп ги покачи царините на кинески стоки во вредност од 200 милијарди долари. Овие покачувања главно се одразија на индустриските материјали и компоненти, но ги опфати и стоките како багаж, шапки и ракавици за американските увозници.

Покрај ова, администрацијата на Трамп почна процес за наметнување на царини од 25% на преостанатите стоки вредни 325 милијарди долари што доаѓаат од Кина во САД, а не се опфатени во претходното оданочување.

На овој список се наоѓаат стоки како патики, играчки и други производи за широка потрошувачка.

Здружението на дистрибутори и трговци со обувки на Америка проценува дека царините од 25% на кинески обувки ќе значат дополнителни трошоци од 7 милијарди долари за американските потрошувачи на годишно ниво.

Коментирај