Кошарка

Nike му забрани на Леброн да го замени бројот 23

13. јули 2019 - 14:41 | К.З.

Иако НБА лигата му дозволи на Леброн Џејмс да му го отстапи бројот 23 на неговиот нов соиграч Ентони Дејвис, Nike имаше спротивно мислење. Производителот на спортска опрема се вмеша и го уништи „подарокот за добредојде“ на Дејвис, така што Џејмс и наредната сезона ќе настапува со добро познатиот број 23.

Бидејќи и двајцата играчи досега настапуваа со бројот 23, Леброн Џејмс одлучи дека ќе се откаже од овој број и наместо тоа ќе носи дресот со број 6 – истиот кој го носеше во Мајами Хит.

НБА лигата не правеше никакви проблеми – му дозволи да го промени бројот иако рокот за промена на дресови истече на 15 март годинава. И кога се чинеше дека Дејвис ќе ја добие неговата 23-ка, во приказната влезе Nike и му го расипа изненадувањето на новиот играч на Лос Анџелес Лејкерс.

Nike не му дозволи на Леброн Џејмс да го промени бројот бидејќи неговиот дрес веќе се продал во огромен број примероци, а дополнителните замени на дресови би го чинеле американскиот производител на спортска опрема огромни загуби. Извршниот одбор на Nike испрати жалба до НБА за вето над промената на бројот.

Следејќи ја ситуацијата, НБА лигата ја одобри жалбата на Nike и поради тоа Леброн во наредната сезона повторно ќе го носи бројот 23, додека Дејвис го одбра дресот со број 3.

Коментирај