Добитникот на Оскар, Николас Кејџ, открива дека имал прилика да глуми во едно од најголемите филмски остварувања, трилогијата „The Lord of the Rings“, меѓутоа, оваа улога тој ја одби поради својот син.

„Знаете, за малку ќе глумев во трилогијата „The Lord of the Rings“, но на крај тоа не се случи“, откри Кејџ, па додаде дека станувало збор за еден од најважните ликови во тој филм.
„Стануваше збор за ликот на Арагорн. Меѓутоа не сакав да одам во Нов Зеланд. Таму требаше да останам дури полни три години. Во тој период бев зафатен со воспитувањето на првиот син, па не можев да отидам таму. Исто така во тој период се разведував“, открива актерот.
Оваа долго криена тајна, тој сега ја откри при претставувањето на својот нов филм „Mandy“, пишува „News.com.au“.
Во споменатиот филм „Mandy“, Николас Кејџ се појавува во улогата на Ред Милер, чиј живот се претвора во пекол, откако девојката ќе му биде убиена од страна на член на садистички култ.
Тој тогаш си ветува на себеси дека ќе го пронајде и ќе го убие секого, кој е поврзан со смртта на неговата девојка. Дејството во филмот, кој е исполнет со крв и акција, се случува во 1983 година.