Гејминг

Nintendo годинава ќе претстави два нови модели на конзолата Switch

25. март 2019 - 11:08 | К.З.

Откако конзолата Switch се појави на пазарот, стана голем хит кај старите и новите генерации на љубители на уредите на Nintendo. Поради големата популарност, компанијата веќе работи на два нови модели на Switch, кои би требало да бидат претставени ова лето.

Според најавите, еден од уредите би требало да претставува поевтина верзија на Switch, додека другиот ќе има подобри перформанси и ќе биде наменет за посветените гејмери.

Шпекулациите велат дека новиот модел нема да добие опција за вибрации и многу веројатно нема да ги има страничните Joy-Con контролери. Овој модел се смета за наследник на конзолата 3DS. На почетокот на оваа година беше соопштено дека Nintendo има намера да претстави помала конзола Switch, која ќе биде фокусирана на преносливост и практичност.

Во извештајот нема детали околу поскапиот модел со подобрени перформанси, но секако дека постои простор за подобрување, бидејќи актуелниот Switch користи процесор Tegra X1 веќе четири години.

Иако датумот останува непознат, се очекува дека промоцијата на новите модели на конзолата Switch ќе бидат претставени на саемот Е3 во јуни оваа година.

Коментирај