Кошарка

Ниту 57-те поени на Харден не го спасија Хјустон од пораз

21. март 2019 - 10:57 | К.З.

Како што регуларниот дел од сезоната во НБА лигата доаѓа кон самиот крај, така работите стануваат појасни и тимовите кои се борат за настап во плејофот полека се издвојуваат од конкуренцијата. Со новиот пораз, тимот на Хјустон Рокетс одново ја отвори борбата за третото место на Западот.

Тимот на Хјустон Рокетс загуби на гостувањето кај Мемфис Гризлис со резултат 126:125.

Феноменалниот Џејмс Харден синоќа направи сѐ во своја моќ за да го одржи неговиот тим во игра, но на крајот тоа се покажа како залудно бидејќи Рокетс сепак го загубија натпреварот. „Брадата“ го заврши натпреварот со 57 поени, на кои додаде 7 скока и 8 асистенции. Неговиот колега од бековската линија, Крис Пол, забележа 18 поени, 7 скока и 7 асистенции, додека Клинт Капела имаше дабл-дабл учинок од 14 поени и 10 скока.

Тимската игра и ефикасноста му помогнаа на тимот на Мемфис Гризлис да стигне до 28-та победа во сезоната. Мајк Конли постигна 35 поени, а Јонас Валанчиунас го заврши мечот со 33 поени и 15 скока, кои беа доволни да му донесат победа на тимот на Гризлис по одиграно едно продолжение.

Останати резултати:

Кливленд Кавалирс – Милвоки Бакс 107:102

Орландо Меџик – Њу Орлеанс Пеликанс 119:96

Филаделфија Севентисиксерс – Бостон Селтикс 118:115

Њујорк Никс – Јута Џез 116:137

Чикаго Булс – Вашингтон Визардс 126:120

Сан Антонио Спарс – Мајами Хит 105:110

Оклахома Сити Тандер – Торонто Репторс 114:123 (по продолжение)

Портланд Трејл Блејзерс – Далас Маверикс 126:118

Коментирај