Низ фотографии: Шпанија по смртоносното невреме
Шпанија се справува со последиците од поплавите кои ја опустошија земјата во изминатите 24 часа. Последниот извештај на властите на Валенсија, објавен синоќа во 19 часот и 30 минути, потврдува 95 загинати, и многу исчезнати лица по кои потрагата е во тек.
Локалните власти соопштија дека судската палата во главниот град на регионот, исто така наречена Валенсија, била претворена во привремена мртовечница бидејќи се стравувало дека бројот на жртвите ќе расте. Во градот Паипорта во Валенсија, најмалку 40 луѓе ги загубија животите, од кои шест се во дом за стари лица, објави шпанската државна новинска агенција EFE, повикувајќи се на изјава на градоначалникот.
На видеата објавени од спасувачките служби се гледаат цели улици под вода, луѓе заробени на покриви и автомобили превртени и натрупани од поплавата. Се проценува дека околу 1.200 луѓе сè уште се заробени на различни делови од автопатот во Валенсија, додека околу 5.000 возила се блокирани од надојдената вода, објави ЕФЕ, цитирајќи го шпанскиот Guardia Civil.