Легендарната Vespa доби електрична верзија
Точно една година откако Piaggio најави дека ќе направи електрична верзија на легендарната Vespa, италијанскиот производител ја претстави на саемот на моторцикли во Милано.
Популарниот скутер сега има погон на струја и може да помине 100 км со полна батерија. За да наполните Vespa Elettrica до полн капацитет ќе треба да ја приклучите 4 часа на обичен домашен штекер.
Piaggio беше искрен во соопштението до купувачите и најави дека очекуваниот рок на траење на батеријата е 10 години. Исто така, по 1.000 циклуси на полнење, капацитетот на батеријата ќе се намали на 80% од почетниот, што значи дека со едно полнење ќе може да поминете 80-тина километри.
Во поглед на дизајнот, производителот остана верен на препознатливиот изглед на Vespa, а ќе биде достапна во седум основни бои.
Уште не е позната цената на електричната верзија.