Бизнис

Нокаут од Волстрит – паѓаат берзите низ цел свет

11. октомври 2018 - 13:13 | А.С.

Индексите на азиските берзи забележаа стрмоглав пад по вчерашните значителни губитоци на Волстрит поттикнати од одлуката на Федералните резерви на САД да ги зголемат референтните каматни стапки.

Европските берзи исто така се длабоко „во црвено“ откако главниот кинески индекс падна на најниско ниво во изминатите четири години.

Шангајскиот индекс по големиот пад на почетокот на неделата денеска падна повеќе од 5 отсто на најниско ниво од ноември, 2014 година, а јапонскиот Никеи 225 падна за речиси 4 отсто, што е невообичаено за тој индекс.

Инвеститорите стравуваат од понатамошно зголемување на американските референтни камати што ќе ги зголеми цените на позајмиците и ќе делува на стопанскиот раст, сметаат аналитичарите на „Associated Press“.

Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека Федералните резерви на САД грешат со зголемувањето на каматните стапки.

„Мислам дека Федерални резерви полудеа“, рече Трамп.

На негативното расположение на инвеститорите влијаат и тензиите меѓу САД и Кина околу царините. ММФ неделава ја намали проценката за раст, како причина наведувајќи го покачувањето на референтните каматни стапки и трговските тензии

Вчера на Волстрит Стандард енд Пур 500 падна за 3,3 отсто, Доу Џонс за 3,2 отсто, што беше најголема загуба за индексот во изминатите осум месеци.

Технолошкиот индекс Насдак падна за 4,1 отсто или вкупно 7,5 отсто во изминатите пет дена.

Технолошките гиганти Apple и Amazon, двете највредни компании во индексот S&P 500, имаа најлош ден во изминативе две и пол години. Apple падна за 4,6 отсто, а Amazon за 6,2 отсто.

Коментирај