Компанијата HMD го претстави новиот смартфон од брендот Nokia, наречен X6, кој е најновиот адут на овој производител за да се вмеша во елитната класа на модерни смартфони како оние на Apple, Samsung и Huawei.
Она што импресионира уште на прв поглед е огромниот 5,8-инчен FHD+ екран со резолуција од 2280 х 1080 пиксели.
Фасцинантниот екран е направен од најквалитетен материјал и има Corning Gorilla Glass 3 заштитна обвивка. Изгледот на самиот телефон го прави посебен и фактот што предната страна на Nokia X6 е составена од 95% екран со скоро незабележливи метални рамки кои доаѓаат во сина, црна и сребрена варијанта. Исто така, тој е првиот телефон на Nokia кој го доби популарниот notch, кој стана популарен со излегувањето на iPhone X.
Nokia X6 има Snapdragon 636 SoC (system-on-chip) процесор и поседува 4 GB RAM и 64 GB внатрешна меморија. И покрај можноста за надградување на меморијата преку слот за microSD мемориска картичка, сепак мора да се забележи дека внатрешната меморија сепак е премала за телефонот да биде закана за Apple и Samsung.
Она што е посебно занимливо кај овој телефонот е системот од камери, кој е составен од предна камера со 16 MP и подеднакво добра камера на задниот дел, исто така со 16 MP, како и задна втора камера, која е монохроматска и има 5 MP.
Од Nokia ветуваат дека телефонот ќе го добие новиот Android P набрзо по пуштањето во продажба, а фабрички ќе биде достапен со последната верзија на Android 8.1 Oreo.
Телефонот би требало да дебитира на пазарот на 21 мај во Кина, а почетната цена би изнесувала 204 долари за основната верзија (4 GB/64 GB), 236 долари за средната верзија и 266 долари за верзијата со врвни перформанси (6 GB/64 GB).