Фудбал
ЛИГА НА ШАМПИОНИ 2019/20

Норвешки тинејџер е херој на првата вечер од ЛШ

18. септември 2019 - 14:46 | Ф.З.

Со три гола во мрежата на белгиски Генк младиот Норвежанец ја украде славата на отворањето од новата сезона во најеминентното клупско натпреварување.

Австрискиот шампион Залцбург ефектно ја отвори сезоната. Со 6:2 го демолираше белгиски Генк, а хет-трик уште во првите 45 минути постигна 19-годишниот Ерлинг Браут Холанд, всушност дебитант во Лигата на шампиони.

Тоа е истиот оној фудбалер кој летово даде неверојатни 9 голови на еден натпревар на Мундијалот за играчи до 20 години кога Норвешка со 12:0 го понижи Хондурас. Холанд заврши како најдобар стрелец на првенството.

Синоќа Холанд головите ги постигна во 2-рата минута за 1:0, 34-тата за 2:0 и 45-тата за 4:1.

3, 0, 1, 3, 2, 1, 1, 3, 3. Не, не се работи за телефонски број, ниту пак за број од кредитна картичка. Тоа се постигнатите голови на Холанд на последните 9 натпревари за Залцбург. Тинејџерот не му даде гол само на виенски Рапид, единствената нула во низата сезонава.

Кое е всушност ова момче? Се сеќавате на Алф-Инге Холанд, дефанзивецот на Нотингем Форест и Лидс од 90-тите? Со Норвешка играше на Мундијалот 1994 во САД. Овој денес е неговиот син, роден во Лидс. Кариерата ја почна во Брине, а преку Молде на почетокот од годинава дојде во Австрија.

Изгледа конечно Норвешка доби наследник на Оле-Гунар Солскјер...

Коментирај