Концепти

Носталгија на четири тркала: VW го враќа легендарното „Баги“

18. март 2019 - 12:33 | К.З.

Саемот на автомобили во Женева секоја година ни носи нови, понекогаш неочекувани изненадувања. Оваа година таму се појави модерната инкарнација на моделот Buggy, кој беше многу популарен пред половина век.

Пред неколку децении, рекреативниот модел Buggy настануваше како плод на имагинацијата на младите луѓе кои сакаа да имаат забавен и практичен автомобил, па рачно ги модифицираа нивните автомобили од моделот Beetle. Овој тренд стана толку популарен што Volkswagen реши да го „посвои“ Buggy како свој официјален модел.

За разлика од оригиналниот модел, кој имаше класичен мотор со внатрешно согорување, современата верзија – која е наречена ID Buggy, како погон користи електрична енергија. Концептот VW ID Buggy со својот дизајн потсетува на „Багито“ од компанијата Meyers Manx, кое се појави на улиците во 1960-тите.

Како што се очекува од едно теренско возило, модерното „баги“ има специјални пневматици BFGodrich за возење надвор од асфалтот и заштите рол-бар во случај на превртување, додека растојанието од површината до лежиштето на возилото изнесува 238 милиметри.

Volkswagen го дизајнираше овој модел така што постоечката каросерија може многу лесно да се отстрани, што остава многу можности за разновидни надградби во зависност од потребата и желбата на корисникот. Материјалите во кабината се водоотпорни – и тоа е исклучитено добра и потребна работа, бидејќи ID Buggy нема покрив, ниту пак прозорци.

Моделот ID Buggy забрзува од 0 до 100 км/ч за 7,2 секунди, а притоа има ограничена максимална брзина од 160 километри на час. Од Volkswagen тврдат дека автомобилот е подготвен да помине до 250 километри со едно полнење.

Коментирај