Регион

Нов балкански сојуз помеѓу Србија и Грција, двете земји формираа „висок совет“

31. јануари 2017 - 14:18 | Макфакс

Премиерите на Србија и Грција, Александар Вучиќ и Алексис Ципрас договорија основање на „висок совет“, кој ќе заседава во Солун оваа пролет и на кој двете земји ќе разговараат околу зајакнувањето на односите, пренесуваат српските медиуми.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас за време на својата посета на Белград изјавил дека двата народа се меѓусебно поврзани преку „традицијата, историјата, културата и духовните врски“ и дека Грција ќе биде стабилна околу својот став за Косово.

„Иднината на Балканот може да биде изградена само на основите на меѓународното право, а не преки интервенциите и кршењето на правилата. На Балканот повеќе нема место за такви работи“, рекол Ципрас, додавајќи дека имал конструктивни разговори со својот домаќин, српскиот премиер Вучиќ, истакнувајќи ја важноста на меѓусебното почитување.

„Го истакнавме стратешкото значење од придружувањето на Србија кон ЕУ, Грција активно и стабилно го поддржува ова. Признаваме дека постојат големи потешкотии и големата жртва која српскиот народ мора да ја претрпи за да исполни оваа цел, а ние ќе ви помогнеме во тоа“, рекол Цирпас.

Вучиќ додал дека разговорите биле „долги и сериозни“, и дека особено било потенцирано пријателството помеѓу српскиот и грчкиот народ.

„Нашите разговори не беа засновани на она што прави минатото, туку на она што треба да го правиме во иднината“, рекол Вучиќ, додавајќи Србија го поддржува учеството на Грција во Берлинскиот процес, како и дека е благодарна на Атина поради тоа што таа не го признала Косово.

„Разговаравме за односите, како и за важноста да се одржуваат традиционално добрите врски со Кина, Русија и останатите земји“, потенцирал Вучиќ.

Коментирај